Роденденска торта, прекрасен јубилеј и хуманост
Кошаркарскиот клуб „Колибри“ од Охрид, денес го прослави својот десетти роденден. Во салата „Тодор Александров“ во Велгошти се одржа кошаркарски турнир по повод една деценија постоење на клубот.
Конфети, роденденска торта, музика и хуманост. Кошаркарскиот клуб „Колибри“ од Охрид, денес го прослави својот десетти роденден. Во свечена атмосфера, во салата „Тодор Александров“ во Велгошти, тие организираа кошаркарски турнир наменет за активните членови на клубот.
„Денес го славиме нашиот јубилеј, десет години од нашето постоење. К.К Колибри како школа почна пред десет години на отворените терени на Ј.П „Билјанини извори“. Имавме богата историја позади нас, многу дечиња поминаа низ нашата школа и стигнавме еве до денешниов ден. Симболично со турнир само за нашите активни членови да го одбележиме нашиот роденден.“-вели Весна Балазоска, претседател на К.К „Колибри“.
Десеттиот роденден, кошаркарскиот клуб „Колибри“ го славеше во знакот на хуманоста.
„Во однос на тоа што се случува по повод десет годишнината, ние со нашите две музички ѕвезди, охридски, Ѓоко Танески и Дамјан Пејчиноски, ќе го одбележиме овој јубилеј, со тоа што ќе помогнеме за болното дете кое што треба да се лечи во Кина, кој колку може од родителите, од децата, колку се во состојба да одвојат за да помогнеме тоа дете да се излечи и во иднина да биде и наш член тука во школата.“-рече Гоце Митрески од К.К „Колибри“.
Но не само славното десетгодишно минато, од клубот велат дека предвидуваат и светла иднина и бројни охридски кошаркарски репрезентативци.
„Колибри е најстара школа овде во Охрид. Работи успешно десет години. Се надевам дека и понатака ќе работи успешно, задоволни сме од бројот на деца, моментално броиме некаде околу 300 деца, број на кој можат да му позавидат и многу поголеми клубови во Македонија, а не само кошаркарски школи. Интересот е голем, меѓутоа многу е важно за луѓето кои работат во кошарката да им наметнат на децата една убава желба, да им кажат што значи спортот за тие понатака да се занимаваат со спорт. Ние посакуваме со кошарка.“-изјави Викторија Рибароска од К.К „Колибри“.
Инаку во салата „Тодор Александров“ од страна на Црвениот крст од Охрид беа поставени и кутии во кои присутните граѓани во салата можеа да дадат донации за помош на охриѓанчето кое се бори со ретка болест и има потреба од медицински третман во Кина.
{loadposition content9}