Родниот град го одбележа двојниот јубилеј на макодонскиот преродбеник Кузман Шапкарев
Шапкарев се вбројува во плејадата македонски преродебници и собирачи на богатото народно творештво. Беседниците објавија нови факти од неговиот живот и дело.
Општина Охрид и НУ Библиотека „ Григор Прличев“ организираа одбележување на двоен јубилеј -185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев. Шапкарев е роден во Охрид во 1834 година,а умира во Софија на 18 март, 1909 година. За новите факти за животот и делото на познатиот македонски преродбеник, охриѓанецот Кузман Шапкарев, зборуваа професорката Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски.
Професорката Дурнева истакна дека првите запишани македонски народни умотворби датираат од 14 век. 19 век е периодот на романтизмот и културната преродба во Македонија и е најполодниот период на нашите културни работници во собирање и објавување на нашето народно творештво. Собирачката дејност на Кузман Шапкарев траела околу три децении. Собирал најмногу македонски народни умотворби , но и од другите балкански народи, рече Дурнева. Таа појасни дека покрај собирањето и публикувањето на народните умотвори големиот Шапкарев во нив внесол редакторски и стилизаторски зафати, со што се вреднуваат во почетоците на македонизмот.
Проф. д-р Томе Груевски истакна дека со журналистичките текстови , нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Константинов-Џинот. Припаѓа на генерацијата на Константин и Димитар Миладинови, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов, Ѓорче Петров и други наши предбеници. При тоа Груевски сподели досега непознати моменти од неговата богата журналистичка дејност.
Вечерва, во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , со почеток во 18 часот, се одбележува уште еден јубилеј на македонскиот и охридски поет Славе Ѓорго Димоски. Се одбележуваат 60 години живот и 40 години од излегувањето на неговата прва книга „ Гравири“ . По тој повод ќе биде промовирано дополнетото издание на неговиот поетски првенец. За творештвото на Славе Ѓорго Димоски ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев.