Родово базираната дискриминација е широко распространета на пазарот на труд во Западен Балкан
Во Брисел беше презентиран новиот истражувачки извештај „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“, изработен од коалиција на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост.
Во Брисел беше презентиран новиот истражувачки извештај „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“, изработен од коалиција на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост.
Поддржана од Европската Унија и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), студијата е дел од пошироката регионална иницијатива за борба против родово-базираната дискриминација и унапредување на работничките права на жените.
Некои од клучните наоди од студијата, презентирана на промотивниот настан се:
-Родово-базираната дискриминација е широко распространета, особено при вработување и унапредување. Значаен дел од вработените жени доживуваат сексуално вознемирување на работното место и прекршување на правото на платено отсуство поради раѓање, бременост и родителство.
-Во регионот, иако се ратификувани релевантни меѓународни инструменти, правните рамки што се однесуваат на дискриминацијата се фрагментирани и честопати неконзистентни. Различните стандарди на заштита, процедури и санкции, што се применуваат под различни закони, предизвикуваат забуна.
-Мал е бројот на институции од Западен Балкан, одговорни за адресирање на родовата дискриминација поврзана со трудот, кои имаат јасни податоци за застапеноста на оваа појава.
-Иако се чини дека релевантните институции се генерално запознаени со нивните одговорности за справување со родово-базираната дискриминација при работа, сепак, пријавени се само мал број на случаи, така што институциите немаат практично искуство во адресирање на ваквите случаи.
-Луѓето се недоволно информирани за тоа каде може да се пријави родово- базирана дискриминација.
Дополнително, извештајот од истражувањето содржи бројни препораки за институциите од Западен Балкан, како и за ЕУ, на повеќе теми, вклучително и за усвојување и имплементација на реформи против родово-базирана дискриминација, подобрени пристапи за следење на состојбите и континуирана поддршка за организации кои се борат за женските права.
Џеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Европската Комисија нагласи:
„Постои итна потреба од повеќе активности за справување со родово-базираната дискриминација низ целиот регион и на сите нивоа. ЕУ работи со владите, претставниците на приватниот сектор и граѓанското општество во насока на неопходните реформи и активности во оваа област и ќе продолжи да обезбедува поддршка за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените во регионот. Во текот на изминатите години, нашата помош испорача конкретни резултати во важни области, како што е борбата против родово-базирано насилство и поддршка на организациите за женски права.“