Skip to main content

Управување со отпад во Југозападен регион

Рокот за изградба на регионалната депонија во Новаци неизвесен, општината побарала обиколница

Тече рокот за изградба на регионалната депонија во Новаци, а тече рокот и за формирање на регионално јавно комунално претпријатие. Општина Новаци побара средства за изградба на обиколница за пристап на камионите кои ќе го носат сметот до депонијата. Со ребаланс буџетот се обезбедија средства за изработка на проектот, но се ќе зависи од динамиката на изградба на обиколницата.
 |  Голабовски Крсте  | 
новаци

Додека летово Општина Охрид се справува со проблеми со опожарување на депонијата Буково и жителите на регионот дишат чад, изградбата на регионалната депонија наиде на нов предизвик. Изградбата на регионална депонија во Новаци по се изгледа ќе зависи од изградбата на обиколницата, која оваа општина ја побара, како коридор по кој ќе се движат камионите кои ќе го носат сметот до депонијата, објасни неодамна Кирил Пецаков градоначалникот на Општина Охрид.

„Општина Новаци, којашто ќе биде како локација за новата депонија, бараше средства за изградба на обиколница околу општината за пристап на оние камиони кои ќе се движат до самата регионална депонија. Се обезбедија средства за проект со ребалансот на буџет. Тој проект ќе биде изработен до крајот на годинава, но според искуството за динамиката за изградба на вакви клучни капитални проекти, не е баш како што треба во изминативе години, се надевам дека се тоа ќе биде завршено.“ – кажа пецаков.

Во меѓувреме се ситни и рокот во кој општините од регионов го имаат за да ја започнат процедурата за формирање на регионално јавно комунално претпријатие. Што се однесува до роковите за почеток на изградба на регионалната депонија, во мај годинава Министерката за Животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, објасни дека ќе се работи ќелија по ќелија. Нема тоа да биде една огромна депонија на неколку хектари. Првата ќелија се очекува да започне до крај на 2024 година. Но, од МЖСПП после новиот момент и потребата за изградба на обиколница во Новаци прво, немаат информации дали овој рок ќе успее да се испочитува.

„Отпочнати се процесите и постапките течат. Јас навистина не можам да ви кажам во 2024 што ќе се случи, ама се надевам дека ако со ова темпо се одвиваат работите, ќе можеме да видиме резултати на терен. Неопходно е да се поминат сите процедури за да започнат активности на терен и откако ќе се изработи целата документација, тогаш и ќе има активности.“ – изјави неодаман во Охрид Христина Оџаклиеска – заменик-министерка за животна средина.

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески вели дека сега топката е кај Министерството. Но, управувањето со отпадот во регионов е огромен роблем, кој мора да се реши, потенцира Ногачески.

„Голем проблем кој треба да се реши. И со оглед на тоа дека треба да се отиде на тоа меѓурегионално поврзување, односно изградба на една регионална постројка за  два региони, мислам дека Министерството за животна средина треба да ги забрза тие процеси, а ние општините секако треба оние формални одлуки кои на ниво на регион и во советите на Општините, треба да го завршиме на време.“ – вели Ногачески.

Во Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик врз животната средина, па планот предвидува нивно затворање.

Буково

Новата регионална депонија планирано е да биде со капацитет од приближно 37.522 тони смет на годишно ниво. Предвидено е отпадот да се селектира, а приходите од продажбата да ги користат јавните комунални претпријатија. Трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и за набавка на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот, се во висина од околу 22 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе се употребат за изградба на депонијата, велат од Министерството за животна средина.