Ротари Клубот Охрид ќе го одбележи светскиот ден на борба против детската парализа
Ротари Клубот Охрид денеска (24.10.2024 год), со почеток од 19:30 часот во Кафе бар ,,СУ,, ќе го одбележи светскиот ден на борбата против детската парализа (End Polio) со неформално дружење и делење на флаери на присутните, како би се покренала свеста за борбата против оваа болест и нејзино конечно искоренување.
-Настанот е од отворен карактер, каде претставници на клубот во дел од објектот би ги запознале присутните за нивните активности, односно влезот е слободен за сите како и секоја друга вечер, уште повеќе што ги покануваме сите кои се во можност да дојдат и да присуствуваат, како би ја изразиле нивната поддршка со нивното присуство, велат од Ротари Клубот Охрид.
Ротари заедницата низ целиот свет го обележува 24 Октомври како Светски ден на борбатa против детската парализа (End Polio). Тој ден и периодот околку е време за членовите на Ротари Клубовите, лекарите, претставниците на јавното здравје и сите луѓе кои сакаат свет без детска парализа да се здружат, да го одбележат овој ден и да ја кренат свеста за борбата за ставање крај на детската парализа, како и да зборуваат за активностите што треба да ги преземеме за да ставиме дефинитивен крај на ова зло.
–Ротари беше пионер во борбата против детска парализа, кога во 1978 година започна со многу амбициозна цел за сите ние да стигнеме до свет без полио. Во сите овие години членовите на Ротари успеаа да соберат и да вложат повеќе од 2,1 милијарди долари и безброј непосредни волонтерски часови во најпогодените региони низ светот за заштита на речиси 3 милијарди деца во 122 земји од оваа парализирачка болест. Исто така напорите на Ротари одиграа улога во одлуките на владите низ светот да се вклучат со повќе од 10 милијарди долари во остварување на целта. Ротари работи на искоренување на детската парализа повеќе од 35 години и заедно со вас успеа да постигне неверојатен напредок во борбата, а како основачки партнер на Глобалната иницијатива за искоренување на детска парализа, помогна да се намалат случаите на полио за повеќе од 99,9 проценти, велат од Ротари Клубот Охрид.
Но со жалење посочуваат дека во последните години, поради појавата на здравствено неосновани и научно неоправдани движења кои се противат на одредени основни историски хумани придобивки, процентот на зачестеност на детската парализа повторно се зголемува кога истата можеше во целост да биде искоренета.