Руинираните објекти на некогашната детска болница продадени за 1.220.000 евра
Неофицијално, скопската компанија Кам Фуд била најповолен понудувач на денешната електронска аукција организирана од Министерството за финансии.
Објектите на некогашната специјална детска болница денес, беа продадени на електронската аукција организирана од Министерството за финансии.
Скопската компанија КАМ ФУД била најповолен понудувач, неофицијално дознава ТВМ . Најповолниот понудувач на денешната аукција доби десет објекти со вкупна површина од 6751 метар квадратен. Почетната цена за истите изнесуваше 2655,10 денари за метар квадратен, сума која до крајот на аукцијата достигна до 11.000 денари за метар квадратен или попрецизно, сите објекти на некогашната детска болница беа купени за износ од приближно 1.220.000 евра. На аукцијата, наддавале вкупно тројца учесници. Неофицијално покрај најдобриот понудувач, учествувале и охридската фирма ГС Груп и сопственикот на хотелот Гарден, Наумче Бакрески. Очигледно за атрактивната локација на охридското крајбрежје интерес покажаа само домашни инвеститори иако предходно во јавноста се споменуваше дека компании од Катар, Украина, Азербејџан и Англија билезаинтересирани за изградба на објекти за развој на здравствен туризам.
Инаку, објектите на болницата, од нејзиното затворање во 2007та навака, постепено се девастираа и руинираа, а важеа за една од архитектонски најдобро осмислените и најцврстите градби на охридското крајбрежје. Последниве години често се споменуваше идејата да се даде нов живот на објектите на детската болница. Како една од идеите кои долго време се заговараа, беше идејата во просториите на детската болница трајно да се премести Заводот за кардиоваскуларни заболувања со цел зголемување на просторните капацитети.
Паралелно со оваа идеја, се споменуваше и идејата за изградба на луксузен хотел на местото од детската болница како и капацитети за развој на здравствен туризам.
Што, како и кога ќе градат новите сопственици на оваа локација останува да видиме.
{loadposition content9}