Руралната жена треба да добие поддршка и видливост

Се грижат за семејството, за домот, за децата, за постарите, работат на нивите, произведуваат храна, изработуваат ракотворби и ги чуваат традицијата и локалните вредности. Но, трудот на жените во руралните средини често останува во сенка, без доволно економско вреднување и можности за сопствен развој.
Селата имаат потенцијал кој сè уште не е целосно искористен. Домашното производство, традиционалните производи, рачните изработки, угостителството и сместувачките капацитети се можности преку кои жените можат да создадат сопствен приход. Но, за тоа се потребни охрабрување, финансиска поддршка и пристап до нови пазари.
„Руралните жени веќе имаат свој печат. Во секое село има гостилница, сместувачки капацитети, работилници, се изработуваат домашни производи. Луѓето одат дури и на нива, собираат производи. Значи, има многу активности во кои руралната жена е поттикната. Можеби работите во руралните средини се одвиваат малку побавно, но мислам дека со поголема свесност, финансиски можности и можности за дружење и социјален живот, жените ќе можат да излезат од својата секојдневна средина и да понудат услуга од која финансиски ќе имаат корист, а економски ќе се зајакнат.” – вели Сузана Наумоска „Изида“, Совет за женско претприемништво при Општина Охрид.

Често проблемот не е во недостигот од идеи или вештини, туку во стравот од започнување сопствен бизнис, непознавањето на пазарот и недостигот од поттик. Потребна е конкретна помош – од регистрација на дејност до поврзување со купувачи и менторство.
„Не станува збор само за промоција. Мислам дека жените често се заробени во одредени догми во социјалните средини. Токму тука, на работилницата, имаме жена која 12 години изработувала нешто, но ѝ бил потребен поттик од некоја од нас, на пример, од жена претприемач, за да излезе на пазарот и да го пласира својот труд. Зошто да бидат во заднина? Нема потреба да се плашат. Сè што треба, ќе направиме за да им помогнеме да регистрираат и да започнат мал бизнис, каде и да се наоѓаат во руралната средина. Можат да изработуваат рачни производи од дрво, камен, отпадни материјали, храна или што било друго. Не постои труд што не може да биде вреднуван.” – вели Наумоска.
Покрај финансиската помош, неопходни се и менторство и институционална помош.
„Знам дека тие жени имаат многу обврски. Треба да ги чуваат децата, да го одржуваат домот, да се грижат за старите, а во руралните средини често живеат и со родителите на сопругот, за кои исто така треба да се грижат. Но, ним пред сè им е потребна психолошка поддршка. Понекогаш имаат пари, понекогаш им се потребни финансии. За жените на кои им се потребни финансиска поддршка или менторство, ние како Совет сме тука да им помогнеме и да ги менторираме. Сите можности и програми што ги нуди Општина Охрид ќе ги насочиме кон нив, доколку која било жена сака да отвори сопствен бизнис.” – потенцира Наумоска.
Од Советот за женско претприемништво велат дека се достапни за совети, информации и менторство, а поддршката дава и Општина Охрид, односно секторот за еднакви можности, за што годинава издвоени се финансиски средства и за промоција на руралната жена.








