Руската федерација отвори конзулат во Охрид
Денес на свечена церемонија амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербик, го официјализираше ректорот на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, професор др Велимир Стојковски како почесен конзул на Русија во Македонија со седиште токму во Охрид.
Охрид од денес е седиште на почесниот конзулат на Руската Федерација на Македонија. Високи претставници на руската амбасада во Македонија, министерството за надворешни работи на Македонија, челниците на Македонската православна црква г.г Стефан и Дебарско кичевската епархија, г.Тимотеј, претставници на руската патријаршија, интелектуалци присуствуваа на свеченото отворање на почесниот конзулат на Русија во Охрид. Овој чин, според амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербик е значајна етапа во продлабочувањето на руско-македонските односи.
„Новиот почесен конзулат на Руската федерација е смесен во местото кое идеално му одговара на едно такво претставништво. Охрид не е само летна престолнина на Република Македонија и туристички центар кој динамично се развива, туку и регион кој е многу перспективен за развој на трговско-економска, инвестициска, научна и хуманитарна соработка.“-вели Олег Шчербик-амбасадор на Руската Федерација во Македонија.
Од моментот на воспоставување на дипломатски односи помеѓу двете земји на 5ти август 1992та година, па навака, според заменик министерот за надворешни работи на Македонија, Драгана Кипријановска, постојано се работи на негување на традиционално пријателските односи помеѓу Македонија и Русија.
„Во сиот овој изминат период потпишан е огромен број на државни договори со кои се регулираат различни аспекти на соработка, но за жал економската соработка и натаму назадува иако постојат мошне солидни потенцијали и можности на овој план. Искрено верувам дека почесниот конзулат и почесниот конзул ќе има плодна работа и многубројни активности давајќи на овој начин дополнителен придонес токму на економски план, а ќе биде место каде ќе се развиваат нови идеи и проекти.“-рече Кипријановска.
Своите надлежности на почесен конзул на Руската федерација во Македонија, денес свечено ги доби професор д-р Велимир Стојковски, актуелен ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.
„Македонија и Русија се две држави кои географски се многу оддалечени, но истовремено многу блиски, нашите корени се заеднички и се длабоко во историјата. Јас се надевам дека отворањето на почесниот конзулат во Охрид ќе ни овозможи да ги продлабочуваме, прошируваме, негуваме и развиваме овие наши историски врски. Истовремено ќе отвори можности за нов вид на соработка, зајакнување на туристичката, трговската, научната, образовната соработка, но и едновремено сигурно ќе се родат идеи за нови видови на соработка. Јас сум убеден дека заедно со вас, јас од моја страна ќе дадам се како почесен конзул на Руската федерација, дека заедно со вас ќе продолжиме на патот на зацврстување на руско-македонските односи.“-изјави почесниот конзул на Русија во Македонија, професор д-р Велимир Стојковски.
Почесниот конзулат на Русија во Охрид е сместен во просториите на Конгресниот центар на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во населбата Коњско. Инаку во земјава веќе постои слична институција во Битола која е историски наследник на рускиот Императорски конзулат основан во овој град во 1860та година и токму неговата успешна работа, според амбасадорот Шчербик е еден од најважните аргументи за отворање на почесниот конзулат во нашиот град.