Во сабота започнува 41. Интернационална уметничка колонија „Дебрца 2026“

Со свечено отворање в сабота, на 27 јуни, во 20 часот, во Галеријата „Ѓорѓија Целески“ во Белчишта, ќе започне 41. издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца 2026“.
Годинашната колонија ќе се одржи под мотото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, тема која ги поврзува традицијата, културното наследство и современите предизвици на технолошката ера.


Организаторот, Здружението „Ликовна колонија – Дебрца“, годинава ќе угости десетмина уметници од Македонија и странство. Почесен гостин е академскиот ликовен уметник Јордан Манасиевски, долгогодишен учесник на колонијата и автор со богато меѓународно изложбено искуство. Меѓу учесниците се и Зсузана Ардо од Лондон, Наталија Студенкова од Словачка, Дуња Корломановиќ од Србија, како и Лидија Вујишиќ, Славица Танеска, Михаил Клечкароски, Филип Јовески, Вангел Крстиноски, Михаил Велјаноски и Мелани Тасеска.
Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ е основана пред 41 година по визија на маестро Ѓорѓија Целески. Денес таа претставува еден од најзначајните културни белези на општина Дебрца и Македонија, а нејзината мисија успешно ја продолжува Мартина Целеска.

Во галеријата на колонијата се чуваат повеќе од 700 ликовни дела создадени од еминентни домашни и странски уметници, меѓу кои и дела на академик Димче Коцо, што претставува значајно културно наследство за регионот и државата.




