Поделени мислењата за индиската инвестиција во Љубаништа
Дубаи во Охрид. Реалност или фантазија. Многу различни ставови околу изградбата на амбициозниот проект Сахарајан Македонија.
Охриѓани и гостите ќе се сончаат на вештачки плажи, ќе се коцкаат во казина на вода, ќе ги паркираат своите глисери и јахти во модерна марина, а помеѓу две посети на луксузни спа центри ќе можат да удрат и по некое голф топче. Дали сето ова ќе се оствари, односно дали ќе се изгради амбициозниот проект Сахарајан Македонија ќе покаже времето. Граѓаните со поделени мислења околу тоа. Дел од нив се оптимисти, а дел велат дека ова е само предизборна игра.
Градоначалникот Александар Петрески ја подржува идејата за изградба на ваков елитен комплекс во Љубаништа, но тој реагира на условите под кои Владата му го продава земјиштето на мултимилионерот Субрата Рој. Тој вели ако хотелиерите во Охрид зеле кредити од банките за да купат земјиште и за да изградат хотели и ако за тоа платиле неколку милиони евра за комуналии, зошто на некој да му се даде земјиштето за едно евро по квадрат, а комуналиите воопшто да не ги плати. Петрески додава дека изградбата на овој комплекс нема да биде во корист туку на штета на граѓаните.
Од Хидробиолошкиот институт сеуште без став околу изградбата на хотелскиот комплекс на крајбрежјето на езерото. Трајче Талевски вели дека сеуште не го виделе на хартија за да можат да се изјаснат дали изградбата на комплексот ќе изврши деградација на езерото.
Зелените во државава и Охрид срамежливо го кажаа своето мислење околу оваа актуелна тема. Независниот екологист Лазо Наумовски вели дека ова е сериозен проект во кој сигурно се испочитувани сите еколошки стандарди.
Екологистите од „Грашница“ пак, се воздржаа од коментар. Тие ќе апстинирале од изјави, бидејќи на се она што досега го кажале му била придодадена политичка конотација. Одтаму велат дека ќе следат како ќе се развиваат работите околу проектот и доколку почувствуваат дека се загрозува животната средина и езерото ќе реагираат.
{loadposition content9}