Skip to main content

Сајбер безбедноста во фокусот на 20-та Меѓународна регулаторна конференција која се одржува во Охрид

Регулаторите од Западен Балкан, Европската унија како и приватниот сектор на глобалниот комуникациски пазар разменуваат искуства од имплементацијата на 5G мрежата, но и размислувања за сајбер безбедноста во контекст на развојот на нови технологии како вештачката интелигенција.
 |  Маја Савиќ  | 

Претставници на регулаторните тела во областа на телекомуникациите од Западен Балкан, ЕУ , меѓународната унија и претставници од приватниот сектор на комуникацискиот пазар, во Охрид дискутираат за резултатите од имплементирањето на 5G мрежата и сајбер безбедноста.

Македонија има најдобар 5G во регионот и меѓу најдобрите во Европа, вели првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акику.

Достигнуваме брзина и со двата оператори до над 1 гигабит секунда и просек близу 300мегабити на цела територија на државата. Тоа е многу добар резултат споредено и со земјите од регионот на Западен Балкан па и пошироко.“ – вели Акику.

Во поглед на сајбер безбедноста, додека поразвиените држави се изложени претежно на комерцијални сајбер напади при кои целта на хакерите се финансиите, Македонија е загрозена од политички мотивирани напади во сајбер просторот.

„Кај нас сајбер нападите се зголемија откако станавме членка на НАТО и тоа кажува дека мотивите се политички. Како мала држава реално до некаде и добро се справуваме со сите тие напади, посебно за време на изборната кампања имаше најави за такви напади и имаше но за наша среќа се изменаџира ситуацијата доволно добро.“ – вели првиот човек на АЕК.

Сите земји од Западен Балкан бележат напредок на полето на електронските комуникации. Сајбер безбедноста и понатаму е предизвик за балканските како и за сите држави во Европа пришто најризичен фактор во системот за заштита од сајбер напади е човекот.

„ Она што во моментов е предизвик и за кое интензивно се размислува е употребата на AI (вештачката интелигенција) во тие лоши намери како на пример генерирање на лажни повици, лажни интервјуа, лажни вести и слично, но исто така и на генерирање на закани во сајбер просторот. Мора да развиваме методи како да се бориме против тоа, за што ни се потребни се поголем број стручњаци и тоа ќе биде најголемиот проблем. Кај нас тој проблем е поизразен затоа што поради ниските плати имаме одлив на стручњаците.“ – изјави Тонко Огуљан Претседател на Советот на Хрватската Регулаторна Агенција за мрежни индустрии (ХАКОМ).

Технологијата се развива рапидно и тоа бара интеракција и соработка меѓу приватниот сектор и регулаторните тела. На конференцијата ќе се разговара и за управување со спектарот и мониторинг што е од исклучителна важност каде без регионална координација ништо не може да се постигне, вели Јарослав Пондер, Директор на канцеларија за Европа на Меѓународната комуникациска унија (ITU).

Затоа многу сме задоволни што на агендата е управување со спектарот, прекугранична координација, исто така и размислување за тоа како да се одговори на можните предизвици кои ќе натежнат на плеќите на државите во иднина поврзани со имплементација на следната генерација на комуникации 6G мрежата и сателитската комуникација со универзален пристап. „– изјави Пондер.

„Премостување на јазот – влез во новата ера“ е насловена годинешната Меѓународна регулаторна конференција што се одржува денеска и утре во Охрид во организација на Агенцијата за електронски комуникации на Република Северна Македонија.