Претседателот на ОО на СДСМ Асен Шајн на денешната прес конференција се осврна на 2 од големите ветени проекти на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков и на ВМРО ДПМНЕ.

Првиот е реконструкцијата на плоштадот Крушевска Република.
-Од реконструкцијата на плоштадот Крушевска Република – големо ништо. Единствено видливо е дека ја нема само фонтаната, а просторот е покриен со омилените на сите нас бекатонки, распоредени во некој чуден редослед сфатлив само за нивно око, а присутен низ целото градско подрачје. Но, со оглед на тоа дека се ближат локалните избори сигурни сме дека ќе започнат како и секогаш со замачкување на очи на граѓаните пропратени со добро препознатливите сечење ленти и фрлање лопати. Охриѓани, сите ние сме емотивно врзани за овој простор и токму затоа разочарувањето е големо, дотолку повеќе што проектот за плоштадот моменталната локална власт го затекна готов со постапка којашто беше донесена до конзерваторско одобрение.
Вториот проект на кој се осврна претседателот на ОО на СДСМ Асен Шајн е катната гража.
-Катна гаража – мисловна именка. Охрид се повеќе и повеќе се гуши во сообраќаен хаос. Најавена беше катна гаража зад Ривиера, кај СВР Охрид и кај Градски Пазар,ама до сега не сме виделе ниту една. И бидејќи не сме виделе ниту една, повоторно сме сигурни дека пред локалните избори ќе слушнеме нови небулози заовој нереализиран проект. Би сакале да запрашаме дали старо-новото ветување за изградба на катна гаража имаат план да го реализираат преку до сега ветеното јавно приватно партнерство или преку аплицирање за унгарскиот кредит кој ние граѓаните наредните години дебело ќе го плаќаме.

Шајн посочи дека Пецаков како негов најголем успех ја истакнува реконструкцијата на улицата Македонски Просветители, проект којшто го затекнал во завршна фаза од претходната власт, како и успехот за раздолжување на сметката на општината, која исто така ја затекнал речиси 80% завршена.