Skip to main content

Во сопственост на владата

Салата Билјанини извори во правен вакум

Владата е сопственик на спортската сала „Билјанини извори“. Објектот го впишала во катастар на свое име без претходно известување до ЈП. Салата сега е во правен вакум иако е изградена со средства од охриѓани. Од изградбата пред повеќе од две децении па се до пред три години објектот не бил впишан во катастар.
 |  Валентина Неловска  | 
спортска сала

Спортската сала на СРЦ „Билјанини извори“ е во правен вакум. Во сопственост е на Владата на РМ наместо на општина Охрид. Од изградбата пред дваесеттина години па се до пред три години објектот не бил впишан во катастар со децении и општина Охрид немала имотен лист. Салата е запишана во катастар на име на Влада пред неколку години, информира Теодор Андоноски, директор на ЈП „Билјанини извори“.

Во 2019 г. владата ја запишува со права на Република Македонија, но тоа е спротивно на Законот. Одобрението за градба било издадено на име на Спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ и таа одлука е незаконска. Од Локалната самоуправа беа на средба во Владата и презентирани се аргументи како е изграден објектот. Во најкус временски рок се очекува таа да се врати на ЈП „Билјанини извори“. Во спротивно ќе бидат преземени правни дејствија за враќање на општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“ – напоменува Андоноски.

Сите обврски течат на име на Јавното претпријатие, иако Владата е сопственик. ЈП „Билјанини извори“ ги плаќа сметките за потрошена електрична струја. Спортската сала сега се најде во правен вакум и ЈП не може да стопанисува со пропратните објекти, како и и да постави фотоволтаици за искористување на сончевата енергија.

Почнавме проект со Локалната самоуправа за поставување на фотоволтаици, но не се реализира. Тогаш откривме дека спортската сала не е на ЈП „Билјанини извори“ и немаме право да отпочнеме проект без согласност на Владата. Тоа не попречи и општината не можеше да издаде одобрение за нивна изградба – вели Андоноски.

Проектот за поставување на фотоволтаици пак, кој беше најавуван од Агенцијата за млади и спорт е отфрлен и нема да се реализира. Од ЈП и општина Охрид очекуваат позитивен одговор од Влада и враќање на спортската сала во нивна сопственост. Спортската сала „Билјанини извори“ е една од најголемите мултифункционални спортски сали во Македонија отворена во август 1998 година. Во неа во 2008-ма година се одржа Европско првенство во ракомет за жени.