Само 4 лица во Охрид позитивни на Ковид 19 побарале да гласаат од дома
Право на глас од дома побарале и 64 лица хронично болни и немоќни. За да им го овозможи правото на гласање на болните од ковид 19 се формирани два тима избирачки одбори составени од медицински лица кои ќе го спроведат гласањето во домашни услови.
Утре на полноќ истекува рокот за пријавување во ОИК за гласање на лица болни од ковид 19, лица во самоизолација , немоќни, хронично болни и лица во затвор и во домашен притвор. До ОИК пристигнале 64 барања од лица со хронични болести, а само 4 лица со Ковид 19. Во СВР Охрид на територија на општина Охрид контролираат 244 лица за кои Државниот санитарен инспекторат издал решенија за изолација, а не се евидентирани лица во самоизолација. Во Охрид, до денес има 180 активни случаи на лица позитивни на вирусот. Само 4 барања од лица позитивни на Ковид 19 е мал број иако има услови за да им се овоможи право на глас и на овие граѓани, кажува претседателот на ОИК Климент Камнароски.
„Од ДИК се составени посебни избирачки одбори од 2 тима на медицински персонал. Тие тимови ќе одат кај лицата заболени од Ковид 19 или во самоизолација во понеделник да им овозможат право на глас“, напоменува Камнароски.
Посебен список од ДИК очекуваат да добијат за лица кои ќе гласаат од домашен притвор и од затвор. Камнароски додава дека завршуваат и со комплетирање на сите 88 избирачки одбори со нови членови на кои по разни основи престанале да бидат дел од Избирачките одбори.
„Финишираме со избирачките одбори.Тие се при крај останаа уште 10 лица да ни ги достави ДИК и да ги распоредиме во избирачките одбри каде што недостасуваат“.
Според новите протоколи на предвремените парламентарни избори, на 13-ти јули ќе гласаат лица позитивни на Ковид-19 и лицата во самоизолација, а на 14-ти јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор.