Skip to main content

Охридско крајбрежје

Само 8 плажи во Охрид имаат спасители

Само на 8 плажи на охридското крајбрежје има спасители на вода. Станува збор за неколку хотели кои се обратиле до Црвен Крст охрид за да си ги обезбедат капалиштата со спасители. Слободните плажи со кои никој не стопанисува не се обезбедени од спасители. Во поглед на условите на капалиштата, од охридскиот Црвен Крст го поздравуваат поставувањето на специјални рампи за пристап до водата на лица со посебни потреби. За да се овозможи капење и рекреација на лицата со хендикеп потребно е овој проект на Локалната да се надогради.
 |  инфодеск  | 
Сашо Точков

Од почетокот на јули, за 12 дена, спасителите имале една интервенција на извлекување на давеник од водите на езерото и над 25 интервенции на давање прва помош на плажа. 

Само 8 капалишта на охридското крајбрежје се обезбедени со спасители на вода.

15 спасители се грижат за безбедна рекреација на охриѓани и гостите на базенот во СРЦ „Билјанини извори“, на плажата „Голден“ кај Горица 1, на плажата кај х. Инекс Горица 2, плажите пред хотелите  Метропол, Белви и Десарет и на три плажи во Градиште, кај кампот, ресторанот и Градиште 2. 

Останатите субјекти кои стопанисуваат со плажи пред своите сместувачко угостителски објекти не се обратиле до ОО на Црвен Крст со цел да бидат обезбедени спасители согласно правилник за  безбедност на капалишта. И на сите слободни плажи нема спасители, информира Сашо Точков, претседател на ОО Црвен Крст Охрид.

Апелираме до надлежните институции, дали е тоа министерството за транспорт и врски, Капетанијата, Локалната самоуправа, оние плажи кои не се обезбедени, а коишто никој не ги стопанисува и се под ингеренции на локалната, да се постават соодветни табли кои ќе им укажат на капачите дека нема спасител на плажата, дека капалиштето не е обележано. Капачите да знаат дека се соочуваат со ризик кој го преземаат врз себе – истакна Точков.

Спасители плажи

Минатото лето слободните плажи беа покриени со спасители преку патроли на копно и вода. Само на овие плажи спасителите за време на сезоната имаа 12 интервенции на спасување на давеници и над 500 интервенции на укажување прва помош.

Во поглед на условите и безбедноста на капалиштата, Точков го поздрави вчерашното поставување на специјални рампи со платформа на две плажи од страна на Локалната со помош на невладина организација.

Пристапните рампи значат полесен пристап на лицата со хендикеп, посебно на оние со телесен инвалидитет зависни од инвалидски колички и помагала, до водата. За овие лица да ги користат езерските води односно да им се овозможи капење, потребно е да се обезбедат дополнителни услови според одредни критериуми и стандарди, вели Точков.

Условите кои треба да се создадат се посебни критериуми и стандарди кои ги спроведуваат посебни лица, но и специјални колички кои плутаат во водата и со кои лицето влегува во водата, со помош на спасители, лица посебно обучени за таа намена. Ние имаме такви обучени лица  кои беа на обуки во Шпанија уште во 2008-та година. Црвен Крст Охрид таа година поднесе и проект до Општината за набавка на тие посебни колички/помагала со кои лицата со телесен инвалидитет ќе ги користат водите на Охридското Езеро – додава Точков.

Спасители плажи

Ја поддржуваме и охрабруваме Локалната самоуправа и невладините организации посветени на решавање на проблемите на инвалидизираните лица да се продолжи и надогради овој проект за лицата со посебни потреби да уживаат во езерските води, порача претседателот на охридскиот Црвен Крст.