Skip to main content

Само еден инспектор ќе ја контролира безбедноста во пловидбата на Oхридското езеро ова лето

Неопходно е вработување на најмалку уште двајца инспектори за Капетанијата на пристаништа да може да одговори на обемот на работа кој се зголемува со порастот на бројот на пловила.
 |  инфодеск  | 
бродови

На прагот на летната туристичка сезона состојбата со безбедноста на вода и состојбата со пловилата е задоволителна, рутински како што се очекува, вели Капетанот на Капетанија на пристаништа, Горан Устијаноски. Оваа година предизвикот е кадровски, во делот на инспекцискиот надзор на водниот сообраќај бидејќи по пензионирањето на еден од инспекторите, Капетанијата е со еден Инспектор за безбедност во внатрешната пловидба.

Неопходно е вработување најмалку уште на двајца инспектори кои ќе покриваат поголема акваторија. Веќе се шири работата во смисла на тоа дека живна Преспа, исто така и вештачките езера имаат некој свој подем во посетеност, такашто во таа смисла мораме да се доекипираме и во иден период тоа прашање ќе мора да се реши. “ – посочува Капетанот на Капетанија на пристаништа на РСМ, Устијаноски.

Проверката на техничката исправност на пловилата се одвива континуирано како што доспеваат датумите за технички преглед и предвидените планови за контрола, уверува Капетанот Устијаноски.

Со завршување на рокот од техничкиот преглед од предходната година, оваа година подлежи на реобновување, во зависност за какво пловило се работи, меѓутоа најчесто тоа се прави на една година за глисерите, за катамараните и тн. Додека другата сфера којашто е покрупна и поголема тоа се патничките бродови исто така во даден рок се вршат тие технички прегледи во соработка со класификациското друштво Биро Веритас, такашто нема никакви отстапувања.“ – вели Устијаноски.

Во регистарот на Капетанија на пристаништата впишани се преку 2.800 пловни објекти вкупно на сите води на територија на државата. Во текот на летото, во Охридското Езеро има над 200 усидрени пловила во каналот. Бродската флота на Охридското езеро е составена од 6 патнички бродови со капацитет до 150 патници.