Само еден сектор во локалната има раководител
Со првиот јавен оглас за вработување во Општина Охрид по новата систематизација од 18 позиции за државни слуѓбеници , досега пополнети се 7.
7 работни места за државни службеници пополнети во Општина Охрид. Вработувањата се со јавен оглас од 25.12.2013 год. за прием на 18 државни службеници во локалната самоуправа. Ова е прв оглас за вработување на државни службеници во општината после новата систематизација на работни места. Од слободните позиции за раководители на сектори, одделенија, советници и соработници во одделенија, по овај оглас со одлука на секретарот на општината Димитар Спасески на пробна работа од 1 година примени се: Советник за правни работи и застапување, Александар Китески; Советник за нормативно правни работи, Катерина Рилкова, Раководител на сектор за општи работи, Тони Иваноски, Раководител на сектор за финансиски прашања, Ацо Китрозоски; Виш соработник за комунална такса за фирма , Виктор Апостолов; Раководител на одделение за просторно планирање, урбанистичко планирање, управување со градежно земјиште на општината, Никола Точко и на позиција Виш соработник за координација на активностите на градоначалникот примена е Мила Василева.
Согласно Законот за државни службеници секој од овие кандидати е на пробна работа во кој период менторот треба да го воведе во работата а на крај од пробниот период полага стручен испит и дури тогаш се стекнува со статус на државен службеник. Доколку кандидатот не го положи испитот а предходно бил вработен во локалната се враќа на предходната позиција. За оние работни места за кои секретарот констатирал дека нема доволно компетентни кандидати и донел одлука да не изврши избор односно да не прифати ниту еден од кандидатите на ранг листа, во рок од 6 месеци општината нема да објави нов оглас. На ранг листата по овој јавен оглас за вработување во општината фигурира и името на ќерка на независниот советник Павел Попоски. На позицијата за која конкурирала таа кандидатка секретарот не извршил избор на кандидат а на прашањето дали вработување на ќерка на советник може да се толкува како купување на послушноста на советникот при носење одлуки во Советот на општина Охрид, Спасески со одговор „категорично не“. Имаме мнозинство во Советот. Не мислам дека ни е потребно да купуваме нечија послушност, дециден е Спасески.
Инаку од вкупно 12 сектори во Општина Охрид во моментов без раководител се 11. Раководител има само Секторот за поддршка на градоначалникот која функција ја извршува Зоран Рафтоски, 3 сектори имаат помошник раководител а во тек е постапка за избор на раководители на два сектори.