Само пет охридски плажи добија концесионери
Куба Либре, Кадмо, Бела Виста, Канео-Извори и Канео Потпеш се плажите кои денес добија свои концесионери.
Само третина од охридските плажи добија свои концесионери. Многуте препукувања и несогласувања помеѓу досегашните концесионери и Министерството за транспорт и врски денес добија епилог. Наместо 15, само 5 плажи добија свои концесионери на електронското наддавање кое го организираше Министерствотото за транспорт и врски. Куба Либре, Кадмо, Бела Виста, Канео-Извори и Канео-Потпеш добија свои најповолни понудувачи. Физичкото лице Венко Мостров, потоа правните лица Фаланга Алфа Тим, ТД Бела Виста, Диокан ДООЕЛ Охрид и физичкото лице Томе Тримчев соодветно се концесионерите на овие плажи.
Најповолните понудувачи се должни уредувањето на плажите, да го завршат најдоцна до 01 Јуни годинава-велат од Министерството. Старо-новите концесионери на овие пет плажи се должни истите да ги уредат согласно насоките и упатствата односно уредување на плажите согласно сите туристички стандарди – поставување на сервисен пункт, тушови, санитарни јазли, лежалки и други реквизити и содржини за пријатен и забавен престој на туристите, како и попесочување на плажите. Исто така, за користење на плажата закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е. да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот, треба да се води сметка 40% од плажата да бидe слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити. Сепак најголемиот дел од охридските плажи засега без концесионер. Нивните досегашни концесионери не се согласуваа со условите под кои Министерството ги дава овие плажи под закуп. За останатите 10 плажи од Транспорт и врски најавуваат дека уште утре ќе биде распишан нов јавен повик под истите услови. Дали овој пат ќе има заинтересирани, само времето ќе покаже.
{loadposition content9}