Skip to main content

Само со долгорочно решение може да се надмине проблемот со кучињата скитници

Краткорочно решение за справување со проблемот на кучињата скитници согласно постојната законска регулатива не би можело да се очекува, смета директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски. Тој вели дека тоа прашање не само што изискува соодветна опрема и добро обучен кадар, туку и поголема институционална заложба.

 |  Николоска Биљана  | 

ЈП „Охридски Комуналец“ е првата адреса за поплаки на граѓаните околу проблемот со кучињата скитници. Директорот на ова претпријатие Љупчо Грданоски, смета дека потребно е што поскоро да се изнајде соодветното решение за овој горлив проблем, но и поголем и посериозен ангажман на сите релевантни институции. Грданоски вели дека тие веќе почнале да се подготвуваат за преземање активности во врска со кучињата скитници.

„Комбето за заловување сеуште постои во ЈП со тоа што не е во исправна состојба. Даден е веднаш налог до раководителите на Р.Е. Механизација да се стави во функција но околу проблемот со кучињата скитници тука законите се премногу децидни, значи ние немаме механизам за заловување на животни на оптворен простор. Ние имаме набавено сајла за залавување на животни но тоа е за затворен простор“ .

Во соработка со Локалната самоуправа веќе е разговарано за изнаоѓање на долгорочно решение за проблемот со кучињата скитници, вели Грданоски. Додава дека краткорочните решенија и не ги даваат посакуваните резултати.

Треба да се изгради стационар, треба да се објави оглас да се одреди ветеринарна служба која ќе ги кастрира и да се вратат на старото место. Од соработката со граѓаните односно од поплаките кои доаѓаат до нас, сметам дека со кастрирањето не го решаваме проблемот бидејќи кучињата се агресивни“

Грданоски смета дека во рамките на постојаната законска регулатива тешко дека може да се изнајде соодветно краткотрајно решение за справувањее со проблемот околу кучињата скитници. Инаку, градоначалникот Јован Стојаноски на самиот почеток на мандатот изјави дека решавањето на овој проблем е еден од проритетите на Општина Охрид. Општината во соработка со Здружението на граѓани за заштита на животните „Анималија“ презема почетен план за негово решавање. Во исто време ќе се продолжи со проектот за стерилизација, нега и згрижување на бездомните кучиња а ќе се изнајде и локација за стационар. Градоначалникот Стојаноски најави дека во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион општината ќе аплицира со проекти за набавка на опрема и обука на кадри од ЈП „Охридски комуналец“ за справување со овој проблем.