Хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ исполнета со спорт, едукација, дружење, забава, хуманост и многу награди кои ќе бидат обележје на овој настан, а во организација на Црвен крст Охрид, во партнерство со Стоматолошкиот центар Др.Баткоски, со поддршка на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“, и Сојузот на училишен спорт од Охрид ќе се реализира на градскиот плоштад Св.Климент Охридски во Охрид на 11.06.2022 (сабота) со почеток во 11 ч.
–Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата ќе бидат наменети за помош на децата од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, одбојка, ракомет, бадминтон, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, и станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (петдневен престој на Златибор, петдневен престој во Крагујевац, петдневен престој во Суботица, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија ).
Организаторите на оваа хуманитарна спортско-рекреативна акција ги повикуваат охриѓани и гостите да бидат дел од овој настан, а најавуваат многу изненадувања.