Самохрана мајка на две малолетни деца бара дом
Никогаш не мислев дека животот ќе си поигра со мене и со мојата судбината, во плач раскажува младата самохрана мајка на две малолетни деца, нашата сограѓанка Жаклина Николоска која од државата бара покрив над главата. Таа пред нашата камера раскажува како повеќе од две години тропа на вратата на Центарот за социјална работа и АД за стопанисување со станбен и деловен простор барајќи социјален стан или било која друга помош за да може и таа нормално да живее со нејзините деца.
Самохрана мајка на две малолетни деца бара дом. Живее во Охрид под кирија во трошна соба од неколку квадрати полна со влага во речиси никакви услови.
Животот ми е пекол, раскажува младата Жаклина Николоска. Нејзините родители ја избркале од дома, а таа по кратко време станува мајка. Жаклина вели дека таткото на децата не сакал да се грижи за нив. Од тогаш за неа почнуваат маките. Во потрага по кров над главата таа не знае каде да побара помош.
„Зошто ова држава не се интересира за вакви случаеви како што сум јас. Незнам ни сама колку пати во оваа држава пратив документи за социјален стан никој не ме ферма. Се што требаше пратив одам во подружната агенција за станбен и деловен простор од таму ме праќаат во социјално во агенцијата, си играат со мене. Социјалното не сака да ми ги направи документите за социјален стан како на многу други што му ги направи, барам еднособен стан или барака да плаќам минимален износ“
Жаклина живее од една постојана парична помош во висина од 6000 денари од кои плаќа кирија 2500 и останати давачки. За неа и двете малолетни деца не останува ни денар, па така таа оди во црквата и бара помош да и купат лекарства за децата кои често и се разболувале поради влагата во собата каде што моментално живее.
„Ги замолувам преку телевизија, ако можат да ми помогнат да ми доделат било што барака, социјален стан да се приберам и јас, не можам повеќе да шетам од ваму на таму со овие деца“
Состојбата на самохраната мајка Жаклина и нејзините две малолетни деца добро им е позната во Центарот за социјални работи Охрид и во подружницата на АД за станбен и деловен простор Охрид.
В. Д. директорката на Центарот за социјални работи, Ајтен Мусли во телефонски разговор ни појасни дека Жакина неколку пати се обратила до нив за решавање на станбеното прашање, но Мусли нагласува дека тие не биле надлежни за давање станови, само ја советувале како оди постапката, за добивање на социјален стан, односно дека треба да се обрати до подружницата на АД во Охрид па од таму да достави барање за социјален стан до Министерството за транспорт и врски. Мусли вели дека на Жаклина во неколку наврати и дале облека и еднократна парична помош, а исто така кажаа дека и овозможиле да зема постојана парична помош. Додека пак од охридската подружница на АД за станбен и деловен простор директорот Гоце Георгиевски вели дека тие не даваат социјални станови туку секој кој смета дека има потреба од таков стан се обраќа до Министерството за транспорт и врски односно до Комисијата за станбени прашања при Владата на РМ. Но Георгиевски, категоричен дека документите за добивање на социјален стан на нивниот штитеник треба да му ги направи Центарот за социјални работи од Охрид. Останува отворено прашањето кој треба да се грижи за ваквите случаи како што е на нашата соговорничка Жаклина Николовска и дали таа и понатаму треба со нејзините две малолетни деца да живее во лоши услови.