Skip to main content

Балканскиот Ерусалим и мау Париз низ уметничкиот сензибилитет на Симјаноски

Самостојна изложба на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски -„Го сакам Охрид, ама го љубим и Тетоо“

45 мотиви од Охрид и Тетово во сув пастел ќе бидат претставени на изложбата на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски, на 26 мај, во Дом на АРМ / Музеј на тетовски крај.
изложба Ѓоко Симјаноски

Навидум обична ликовна приказна за дражот на Охрид, балканскиот Ерусалим и Тетово, „мау Париз“. Свеж потсетник за нашите ридести градови во кои се опеани песните за Билјана и Трпана, но и за не толку забележаното наследство околу нас, кое е сè помалку присутно.

Ликовната изложба „Го сакам Охрид…ама го љубим и Тетоо“ на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски ќе биде поставена овој петок, на 26 мај, во Дом на АРМ / Музеј на тетовски крај, со почеток во 19 часот. Станува збор за целина од 45 охридски и тетовски мотиви, во сув пастел.

Симјаноски, водителот на култната охридска емисија „Филмско око“ (878 емисии), низ своја призма ни ги задава убавините на Тетово и Охрид, градовите кои го одбележуваат неговиот живот, понудувајќи една поинаква димензија на автентичното архитектонско наследство и природата околу која гравитираат овие импозантни зданија, дел и веќе непостоечки.

Оваа изложба го овековечува несекојдневното секојдневие, сведочи за колоритноста и отвореноста на веќе одминатото време, трагајќи по нова енергија и нови приказни кои ќе се доживуваат и прераскажуваат, стои во описот за изложбата. Оваа ликовна изложба е во соработка со Музејот на тетовскиот крај.

Ѓоко Симјаноски

Ѓоко Симјаноски роден е во Скопје во 1947 година, a oсновното образование го стекнал во Охрид, Тетово, с. Вруток и Гостивар. Средно техничко училиште, електро насока, завршил во Скопје. Високата техничка школа, електро насока, ја завршил во Битола.
Како електро инжинер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година.

Освен во струката, како надворешен соработник работел во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТВМ Охрид. Добитник е на Наградата Сребрена значка за најдобар прилог од Здружението на на локалните радио станици на Македонија.

Од 1996 година до 2018 година, уредник и водител е на емисијата за филм „Филмско око“, во траење од 22 сезони со вкупно 878 емисии. Има изработено голем број на емисии и документарни прилози и филмови, меѓу кои и над 350 емисии на „Музички слалом“, 90 емисии на „Кино бавча“, како и филмовите „Охридското кино Парадизо“, „Песната како повод за разговор“ (1 и 2), „Охридските брилијанти“, „Живот како виножито“ и др.

Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под насловот „Охрид, Охрид, Охрид убав мил“, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви“. Оваа година, во февруари во Охрид ја има поставено самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“, претставувајќи ги златните години и омилените актери од Холивуд.

Има учествувано на голем број на ликовни колонии и групни изложби.

Активен член е на фото – клуб „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот.