Сандански и Банско најпосетени од охриѓани оваа есен
Сандански и Банско најпосетени од охриѓани оваа есен. Во зависност од длабочината на својот џеб нашите сограѓани ги планираат своите викенди и одмори. Има и такви што се заинтересирани за егзотичните дестинации како Дубаи, Доминиканска република и Куба. Веќе се прават аранжманите за новогодишните и божикните празници.
Се повеќе станува навика кај охриѓани своите годишни одмори да ги користат во есенскиот период. Од туристичките агенции велат дека покрај тоа што тие бараат дестинации каде можат да се сончаат и капат, сакаат да посетат и такви места каде едноставно ќе уживаат во природните убавини и ќе се одмараат после напорното лето. Во овој период од годината најпосетувани дестинации се Сандански и Банско, вели Јаким Маленко, од туристичката агенција ВисПој. За овие две дестинации има промотивни пакети по многу поволни цени за полупансион или за цел пансион и затоа граѓаните најмногу се одлучуваат да отпатуваат токму таму. Многу интересна понуда есенва била и таа за јужниот дел на Италија за која исто така имало заинтересирани граѓани, а за подалечните дестинации граѓаните потешко се одлучуваат поради променливите временски услови.
Интерес има, но со оглед на временските услови бидејќи некако малку порано ни дојде есента и зимата се намалува интересот за некои дестинации, вели Маленко.
Зa претстојните новогодишни и божикни празници охриѓани веќе почнуваат да се интересираат каде би можеле да отпатуваат и какви се аранжмани има во оваа туристичка агенција. Како најбарани места се земјите од нашето опкружување, но и егзотичните дестинации како Дубаи, Доминиканска Република, Куба и други, вели Маленко.
Има граѓани кои имаат можности да одат на вакви патувања, но тој број не е многу голем, тоа се претежно индивидуални аранжмани кои се организираат по потреба и на барање на клиентите, не се во организирани групи и претежно се оди на индивидуални аранжмани со помал број патници, но сепак ги има, секогаш ги имало и ќе ги има и понатака, вели Маленко.
Маленко вели дека покрај тоа што нудат аранжмани за странство, нивна интенција е да привлечат што повеќе гости во Охрид. Тој е сигурен дека и оваа година Охрид ќе е привлечена дестинација за многу туристи и дека голем број гости, посебно од нашиот северен сосед ќе се одлучат престојните празниците да ги поминат токму овде.