Skip to main content

Се санира и реставрира „Куќата на Робевци“

Во тек обемни зафати за санација и реставрација на „Куќата на Робевци“, еден од најзначајните и најрепрезентативни објекти од старата охридска градска архитектура. Станува збор за еден од најголемите проекти на Националната установа Завод и Музеј Охрид, за кој досега се издвоени три милиони денари. Реконструкцијата е предвидено да биде завршена некаде до крајот на март годинава.
 |  инфодеск  | 

Во тек е санација и реставрација на споменичниот комплекс Куќата на Робевци, еден од најзначајните објекти во Охрид како репрезент на охридската архитектура каде е сместена богата колекција на археолошки и етнолошки предмети. Зафатите започнаа кон крајот на минатата година, а се очекува да бидат завршени до март годинава.

Станува збор за еден од најголемите проекти на НУ Завод и музеј – Охрид, за кој досега Министерството за култура има издвоено три милиони денари. Целта е Куќата на Робевци, магазата, депото и Лапидариумот да се сочуваат од забот на времето и да се создадат соодветни услови за експонатите и за подобро искуство на посетителите.

„Се работи за интервенции на фасадите и на крововите,меѓутоа и внатрешна на подовите на помошните објекти. Се работи исто така на нов систем за греење и ветрење во Куќата на Робевци. Со тоа ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите“.- информира Горан Патчев, директор на Завод и Музеј Охрид.

Предвидено е објектот да добие и нов систем за обезбедување, со оглед на тоа што во него се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.

„Покрај другите работи ќе се обезбеди нов видео надзор, посовремен и нов алармен систем, особено на Златната соба која ни е од големо значење за градот и републикава каде што се чува златото на Лихнитида“. – вели Патчев.

Куќата на Робевци не е соодветен објект за презентирање археолошки експонати, посочува Патчев и додава дека градот што поскоро треба да добие соодветен археолошки музеј.