Санирање на „Јане Сандански“ и „15 Корпус“
Секторот за комунални дејности , сообраќај и улици направи увид во состојбата за оштетувањето на коловозот на улицата Јане Сандански. Дупката кај такси постојката на оваа улица настанала поради технички пропуст на изведувачот на работите, фирмата „Вардар Градба“ од Скопје и тие ќе го сносат трошокот за санирање , вели портпаролот на локалната.
„ Се работи за пропаѓање на дел од коловозот и оштетување на главниот цевковод. Уште во текот на денешниот ден ќе се пристапи кон санација, ќе се направи ископ , ќе се поправи главниот цевковод , а потоа ќе асфалтира ГП „Илинден“ од Струга. “ – изјави Томе Џамтоски – портпарол на Општина Охрид.
Во изминатиот период беа санирани и други помали пропусти на ул „Јане Сандански“ како сливници, приклучоци и недовршени работи поради нерасчистени имотно правни односи. Деновиве екипи од Секторот за комунални дејности вршеле увид и на ул 15 Корпус каде исто така се појавија повеќе технички проблеми.
„Тука се мапирани 4 точки од кои на една локација треба да се изврши нивелирање на една шахта за отпадни води а на 3 места треба да се изврши нивелирање на коловозот. Се работи за технички пропусти на изведувачот КОП Инженеринг од Скопје , а проектот беше на Министерството за транспорт и врски. И за оваа улица санацијата на пропустите е на товар на изведувачот.“– кажа Џамтоски.
За улицата „15 Корпус“ надзорот над градежните зафати ги вршеше фирмата Столб од Битола при што сите недостатоци се констатирани, изготвени се записници и најдоцна од идната недела ќе започне санацијата.