Сашо Донев, новиот претседател на ОК Вмро Дпмне најави внатрешна консолидација во партијата
Сашо Донев, новиот претседател на ОК на Вмро Дпмне најави внатрешна консолидација и обединување на сите структури во партијата. Отворени се да ги слушнат потребите, проблемите и предлозите на граѓаните. Донев посочи дека новиот тим на раководството имa компетентни луѓе кои во секој момент остро може да се спротивстават на како што рече, „ненародната власт“.
Новиот претседател на ОК на Вмро Дпмне, Сашо Донев на прес конференција имаше обраќање во кое ги најави приоритетите на раководството на партијата. Довербата која ја добив од партијата за мене е поттик и можност заеднички да работиме, потпирајќи се на принципите на чесност, посветеност и одговорност, кажа при тоа Донев.
„Членовите и симпатизерите на нашата партија веќе знаат дека заедно го започнавме процесот на внатрешна консолидација и обединување на сите структури. Тоа мора да се почувствува и во месните комитети за да донесе освежување и зајакнување на партиското јадро. Во таа насока ќе се продолжи и во периодот кој следува. Избран е новиот состав на Општинскиот комитет, а во тек е повикот за членови на партиските комисии“, посочи Донев.
Tимот на партијата во наредниот период ќе ги слушне потребите, проблемите и предлозите на граѓаните. Добредојдени ќе бидат и критиките за евентуалните пропусти од минатото и ќе се извлече поука истите да не се повторат. Во новиот тим имa луѓе кои се компетентни во секој момент остро да се спротивстават на оваа ненародна власт која е најголемата несреќа која можеше да и се случи на Македонија, кажа на прес конференцијата Донев.
„Во идниот период ќе бидеме меѓу народот обединети околу идејата за силен и просперитетен Охрид, заеднички ќе го трасираме патот на новите големи изборни победи.
Поминува нешто повеќе од половина година откако СДСМ ја има целокупната власт во Охрид, а ветениот живот за граѓаните на Охрид никако да дојде. Колку побрзо оваа политичка гарнитура предводена од СДСМ си замине од власт, толку побрзо ќе се врати просперитетот и општиот напредок на Охрид и Македонија. 2 јуни е денот кога ќе започне Вашето заминување од власт“, им порача на политичките опоненти новиот претседател Донев.
Донев порача граѓаните да направат споредба што направиле ВМРО-ДПМНЕ, а што СДСМ во минатото. Изберете кој се залагаше за подобар Охрид, ценете и одлучете по вложената љубов и труд, кажа новиот претседател на ОК на Вмро Дпмне.