СД „Никола Карев“ во Охрид ќе се реновира после повеќе од пет децении
Ќе се подобруваат условите за домување и студирање во државните домови со владин проект за енергетска ефикасност. Меѓу зафатите се планира целосна замена на дограмата, интервенција врз фасадата и преминување кон поефтино и поефикасно греење на објектот.
Се најавуваат градежни зафати врз охридскиот СД „Никола Карев“ со кои објектот ќе добие подобра енергетска ефикасност. Реновирањето на објектот ќе се случува после 57 години од кога е изграден во 1964 година како депанданс на тогашниот хотел Палас. Реконструкцијата на студенскиот дом опфаќа реновирање на санитарните јазли, електричната инсталација, фасадата, информира за дел од планираните зафати ,Жарко Куциноски, директор на СД „Никола Карев“.
„Ќе се замени внатрешната и надворешната дограма, кујната, просторот пред рецепцијата. Се размислува да се реши и греењето и да се премине на поефикасен и поефтин начин на греење“.
Проектната документација наскоро ќе почне да се подготвува за да отпочнат градежните зафати што поскоро. Се очекува градежните зафати да стартуваат од наесен. Намерата е во следната студиска година станарите во државниот дом да имаат подобри услови за студирање и за домување. Студентите ќе добијат и чајни кујни што досега не беше случај.
„На секој спрат ќе има просторија каде што судентите ќе може да ја користат за да сварат кафе или чај , за мали услуги, за да не мора да користат решоа во собите кои се многу ризични при користење“.
Охридскиот студенски дом Никола Карев е дел од владиниот проект за енергетска ефикасна рехабилитација на студенските домови меѓу четирите градови во земјава Скопје, Прилеп, Битола и Штип. Средствата за реновирањето ќе ги обезбедува Владата со помош на германската KW банка. Студенскиот дом Никола Карев има 86 соби со 226 легла. Во моментов тука се сместени 80 студенти.