Компанијата „Аустријан ерлајнс“ идното лето ќе лета од Виена за Охрид. Првиот лет е закажан за 17 мај 2026 и картите се веќе достапни во резервациониот систем. За почеток, австриската компанија која е дел од „Групацијата Луфтханза“ ќе лета еднаш неделно, а во јули и август ќе ја одржува линијата два пати неделно со авион од типот „ербас- А320“, објави порталот сдк.мк.
Последниот лет за идната година е закажан за 27 септември.
Очекувањата се „Аустријан“ да ја пополни празнината што ќе се отвори откако „Визер“ ќе ја укине линијата Виена-Охрид на 14 март идната година. Во зимскиот период унгарската нискобуџетна компанија лета од австрискиот главен град за Охрид двапати неделно. Оваа авиолинија „Визер“ ја одржува безмалку седум години, од 17 ноември 2018 година. Инаку, од 17 март идната година, во летниот распоред, наместо од Австрија, „Визер“ ќе лета за Охрид три пати неделно од словачкиот главен град Братислава.