СДСМ бара стопирање на огласот за продажба на атрактивното земјиште под Плаошник
Атрактивно државно земјиште под Плаошник бадијала се продава, реагираат од ОО на СДСМ Охрид. Од таму бараат поништување на огласот како и тоа и да се стопира продажбата.
Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО- ДПМНЕ бадијала сакаат да продадат атрактивно градежно државно земјиште под Плаошник, реагираа охридските социјалдемократи на денешната прес конференција. Како што изјави портпаролот Александар Кузески станува збор за градежна парцела на која се предвидува изградба на станбен објект на три ката во делот од боровата шума под Плаошник. Локацијата се наоѓа на левата страна од патот зад црквата Св Јован Богослов Канео непосредно над куќите во месноста Канео. Од ОО на СДСМ бараат веднаш да се поништи објавениот оглас и неодложно да се стопира штетната продажба на атрактивната локација.
„Продажбата се палнира да биде извршена на 2 Март а почетната цена за 1 метар квадратен што го одредила општина Охрид изнесува само 25 евра. За споредба пазарната вредност при продажба на куќи во тој дел од градот изнесува најмалку 1000 евра за метар квадратен додека цената на неизградено градежно земјиште се движи над 500 евра за метар квадратен“– вели Кузески.
Од СДСМ на градоначалникот му предлагаат на тоа место да се изгради еден мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните, наместо да го продаваат на приватни лица за изградба на станбен објект. Воедно јавно го запрашаа.
„Зошто Бакрачески и ВМРО – ДПМНЕ го продаваат најатрактивното градежно земјиште со почетна цена дури 20 пати пониска од реалната пазарна цена? Кој стои зад ваквата според нив страмна бизнис зделка и за чии интереси се отуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид“ – прашува Кузески.
Охридските социјалдемократи од градоначалникот и владеачката партија побараа одговор на сите прашања од денешната прес конференција, бидејќи сметаат дека граѓаните на Охрид тоа го заслужуваат. Дополнително обвинија дека власта на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не води сметка за интересите и имотот на граѓаните.
{loadposition content9}