ОО на СДСМ Дебрца, го промовираше Центарот за комуникации
Владеачкиот режим на ВМРО – ДПМНЕ е чин на грубо кршење на основните човекови слободи и права, политичка дискриминација и реваншизам, обвинија на денешната прес конференција од ОО на СДСМ Дебрца. Воедно денес тие и официјално го претставија тимот на Центарот за комуникации на оваа ОО.
ОО на СДСМ Дебрца, го промовираше Центарот за комуникации, преку кој во иднина ќе ја информира јавноста за сите партиски активности. Портпаролот Ангел Секулоски на првиот прес се задржа на забелешките кои ги имаат кон актуелното раководство на ВМРО – ДПМНЕ на Дебрца, предводено од градоначалникот Игор Трајковски. Според него владеачкиот режим на Трајкоски претставува чин на грубо кршење на основните човекови слободи и права, политичка дискриминација и реваншизам. Како пример за тоа ја наведе состојбата на претседателот на ОО на СДСМ раководен државен службеник во Локалната самоуправа со седумнаесетогодишно работно искуство.
„ Врз него се врши невиден политички притисок и реваншизам кој претставува политичка дискриминација и мобинг, манифестиран преку негово прераспоредување, одземање на сите работни задачи, неоправдано оценување со пониски оценки, донесување на решенија за изрекување парична казна и укинување на додаток на плата за степен на кариера, кои патем речено по негова жалба беа укинати од второстепената комисија на Агенцијата за администрација. Притисокот особено станува поизразен по неговото именување за претседател на Општинската организација, за да сето ова кулминира наредниот ден по одржувањето на отворената трибина со граѓаните во Белчишта, на која гостуваше заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, кога е прераспореден на работно место во местноста Сливовски Анови, на 15 км од седиштето на општината, во регионот на Горна Дебрца, во канцеларија сместена во напуштената амбуланта за примарна здравствена заштита, без телефон и интернет конекција, сам,без работни обврски и прием на странки“
Секулоски во име на ОО го осуди ваквото однесување на градоначалникот на општината и побара да прекине со незаконските и недемократски постапки и во согласност со актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во општината, државниот службеник да го врати на работа во седиштето на општинската администрација. Во спротивно најави дека советниците на СДСМ Дебрца нема да учествуваат во работата на Советот.
„И се додека во општината Дебарца од страна на градоначалникот на општината има незаконско постапување, со кое се спроведуваат политички мотивирани хајки и прогони на државните службеници, со што се доведува во прашање демократскиот кредибилитет и капацитет на органите на општината советничката група на СДСМ во советот на општината, составена од пет советници не гледа причина зошто да учествува во работата на советот на општината, притоа давајќи легитимитет на незаконското практицирање на локалната власт од страна на градоначалникот, кој наместо да ги почитува и извршува актите на советот истите ги крши врз дискриминаторска основа“.
Од ОО на СДСМ Дебрца информираа дека општинската каса на градоначалникот Трајкоски му ја предале со 8 000 денари, плус 8 милиони денари кои дополнително требало да легнат од издавањето на рудникот под концесија. Исто така од ОО кажаа дека голем дел од проектите со кои се фали градоначалникот Трајкоски дека ги реализирал биле отпочнати пред да му ја предадат власта.
{loadposition content9}