Skip to main content

СДСМ Охрид: Локалната власт 200 дена работи нетранспарентно и на штета на охриѓани

Oд СДСМ Охрид потсетија денеска дека локалната власт не поднела отчет пред граѓаните за сработеното во изминатиот период, реагирајќи дека поминаа 200 дена на квази проекти, популистички импровизации и дневнополитички објави на градоначалникот и локалната.
 |  инфодеск  | 

Oстри критики за работењето на локалната власт во првите 200 дена од вториот мандат на градоначалникот на Охрид, упати Секретарот на ОО на СДСМ Охрид, Јован Крлев.

Крлев обвини за нетранспарентност, злоупотреба на јавни средства и, како што рече, „популистички импровизации“, посочувајќи дека локалната власт не поднела отчет пред граѓаните за сработеното во изминатиот период.

Според него, извештајот на Државниот завод за ревизија покажал сериозни слабости во работењето на општината и јавните претпријатија.

„Забелешките нотирани во извештајот со сериозни индиции за злоупотреби на јавните пари на охриѓани, јасно ја отсликуваат лукративната визија на оваа локална власт предводена од градоначалникот заедно со неговите извршители. И додека немилосрдно се шетаат и злоупотребуваат јавните пари пред очите на охриѓани, зад превезот на спортот и лажната претстава за градење на спортска култура, форсирајќи само одредена целна група, без никакви правила и пропорција, останатите сектори и дејности оставени на политичка немилост и негрижа на градоначалникот и свитата.“, изјави Крлев.

Тој обвини дека локалната власт ги зголемува трошоците за граѓаните, додека јавните услуги, како што рече, се на „најниско ниво“, а јавните претпријатија создаваат нови долгови. Крлев посочи и дека директорите на јавните институции се „неми набљудувачи и соучесници“ во, како што рече, злоупотребата на јавните пари.

„Цените вртоглаво растат заедно со револтот на охриѓани кои очигледно се само обичен глас на денот на изборите за оваа локална власт. Толку голема дадена доверба, а толку непопуларни одлуки како возврат за нивната поддршка и лојалност на последните локални избори. И покрај енормните поскапувања, се понискиот животен стандард, инфлацијата, малите плати на работниците кои се пресметуваат спротивно на Колективниот договор, праксата на оваа локална власт останува иста со една единствена цел – збогатување на актерите во овој голем театар предводен од Градоначалникот.“ – вели Крлев.

Ќе има одговорност, за секој еден, за секоја злоупотреба, за секој потрошен денар од парите на охриѓани. Ќе има одговорност за статусот на Охрид во УНЕСКО, за загадувањето, за Буково, за Охридското Езеро, за урбанистичкиот хаос, за дивоградбите, за бетонизацијата, за поскапувањата, за уништувањето на јавните претпријатија и за злоупотребата на народните пари, порача Крлев.