Skip to main content

СДСМ: Нереализирани ветувања и остварувања на ВМРО – ДПМНЕ

Локалната власт на ДПМНЕ во последните 6 месеци реализира едно големо НИШТО, обвинија охридските социјалдемократи на денешната прес конференција. Додадоа дека на очиглед на сите граѓани и крајна несериозност, господата од ВМРО – ДПМНЕ менуваат статути на ЈП, бришејќи го условот, со задолжително работно искуство од 5 години, само за да биде наместен заслужен партиски кадар од ДПМНЕ на местото на директор на ЈП Нискоградба.

 |  Николоска Биљана  | 
sdsm
сдсм

sdsmДенес охридските социјал демократи зборуваа за нереализираните ветувања и остварувања на ВМРО – ДПМНЕ. Гласноговорникот на општинската организација на СДСМ Александар Кузески најпрво се осврна на измената на статутот на ЈП Нискоградба. Тој обвини дека од страна на ВМРО – ДПМНЕ направен бил опасен преседан, бидејќи биле избришани неколку клучни критериуми за избор на прв човек на ЈП.

„Од  вкупно 7 општински јавни претпријатија, само во ЈП Нискоградба се избриша условот за задолжително работно искуство од 5 години при избор на директор, покрај другите услови утврдени со закон и со статутот. Покрај тоа, не постои слична практика во нашата држава, при избор на директор или друго раководно лице во било која јавна или приватна фирма, да не се бара задолжително работно искуство од 3, 4 или 5 години. Примерот со ЈП Нискоградба покажува дека ДПМНЕ по секоја цена сака да ги задоволи само сопствените партиски интереси, воопшто не водејќи грижа за реалните потреби на граѓаните на Охрид.“

sdsmКузески исто така се осврна и за „новите програми“ кои  владеачката гарнитура ги најавила уште на почетокот на јуни месец, годинава. Тој потсети дака градската власт за нивната реализација се пофалила дека ќе ги покрие со 3 милиони евра, со повторниот ребаланс на буџетот, за да сега после 6 месеци односно со неговото кратење, се покаже дека опозицијата била во право кога се спротивставила на таквата непромислена, нереална и неостварлива политика со општинскиот буџет.

„Локалната власт на ДПМНЕ во последните 6 месеци реализира само едно големо НИШТО, односно оствари тројно промашување: прво, иако имаше доволно време за тоа, не изготви ниту еден издржан проект, што би ги задоволил условите да биде одобрен и финансиран од ветениот кредит; второ, донесе нови развојни програми, за кои се покажа дека се неостварливи, нереални и предимензионирани; и трето, прво го зголеми буџетот за 3 милиони евра, па од кога не успеа да го добие ветениот кредит од својата сопствена централна власт, тогаш, по принципот – пту, пту, пту, не важи, го скрати за, замислте неверојатни 33% . Знаете ли Вие дами и господа од ДПМНЕ што значи да се направи кратење на буџетот за 33%??? Тоа се прави во услови на „недај Боже“, во услови на вонредна состојба“.

Охридските социјалдемократи за крај, на новата градска власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ им упати апел, доколку се сметаат за сериозна власт тогаш за неостварувањето на погрешно проектираната планска активност некој да сноси одговорност и порачаа да бидат поодговорни пред граѓаните на Охрид.

{loadposition content9}