Skip to main content

СДСМ : Состојбата со природното и културното наследство на охридскиот регион мора да се најде на надзорна расправа во Собранието на РМ

СДСМ : Состојбата со природното и културното наследство на охридскиот регион мора да се најде на надзорна расправа во Собранието на РМ.

 |  Валентина Неловска  | 

Сдсм  ќе ги искористи сите законски и деловнички права и можности за организирање на надзорната расправа во Собранието за состојбата со природното и културното наследство на охридскиот регион, изјави денес на прес конференција пратеникот Томислав Тунтев. Опозицијата нема да ја обесхрабри вчерашното гласање на Вмро Дпмне.

„Повеќе од очигледно стана дека ВМРО ДПМНЕ бега од надзорна расправа со цел нивните функционери да не одговараат на поставените прашања. Тие сакаат да избегаат од одговорноста за тоа што поради нестручно, несовесно и неодговорно однесување на надлежните државни институции, Охрид е на чекор до губење на статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО.“, истакна Тунтев.

Тунтев потсети дека на последната седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржа во јули оваа година, за прв пат во официјален документ на светската организација била ставена забелешка со која охридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја.

„ Недозволиво е неодговорната и криминална власт и понатаму да си игра со нашето природно и културно наследство. Надлежните институции веднаш треба да ги стопираат и преиспитаат сите градежни проекти во националниот парк Галичица, кои ќе ги доведат во опасност природните реткости. Во забелешките од УНЕСКО се вели дека таквите проекти имаат значителни потенцијални негативни влијанија и претставуваат потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство,“кажа Тунтев.

Тунтев предупреди на рокот кој го има  Македонија до 1 февруари 2017 год. да ги имплементира препораките и да ги отстрани забелешките дадени од Комитетот на УНЕСКО.