Се бетонира Охридско Езеро
На социјалните мрежи се споделуваат фотографии на кои се регистрирани градежни машини како бетонираат во водите на езерото. Машините се регистрирани на албанска страна на езерото, кај Тушемиште.
„Додека албанските власти во извештајот доставен до UNESCO наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго. Се бетонира во Охридското Езеро, како што се гледа од фотографиите, но немаме повеќе детали.“ – велат од Охрид СОС.
Според еколошките активисти ова е уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, дека уништувањето продолжува, со несмалено темпо и од другата страна на границата.
Албанскиот дел од заштитеното добро под УНЕСКО е само четири години на листата Светско наследство но ги преживува истите проблеми и притисоци како и на македонскиот дел.
„На средба со неколку албански организации и жители на Поградец неодамна, имавме прилика да дознаеме за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита, кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот и чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување, од двете држави.“ – велат од Охрид СОС.
На албанска страна, во поглед на препораките на УНЕСКО, актуелен е проблемот со тони рударски отпад кој го загадува Охридското Езеро со тешки метали. Депониите кои ги користат рударските компании во Поградец во близина на езерото, по препорака на Унеско требаше итно да се санираат, но тоа се уште не е направено. Друга жешка точка од албанска страна е проектот за изградба на туристичка зона кај изворите на Дрилон, локалитет сличен на изворите кај Свети Наум, кои се строго заштитено подрачје во рамките на Националниот парк.