Се чека тендер за изработка на проект за изградба на театар во Охрид
Министерството за култура наскоро ќе го промовира идејното решение за изградба на театар на местото на сегашниот Центар за култура „Григор Прличев“. Според најавите на министерката, Канческа Милевска, овој месец треба да биде објавен и тендер за изградба на театар во нашиот град.
Овој месец, октомври, Министерството за култура треба да објави тендер за изработка на основен и изведбен проект за изградба на театар, најави министерката Елизабета Канческа Милевска, при нејзината неодамнешна работна посета во Охрид. Таа смета дека најважното веќе е направено, а тоа е донесувањето на урбанистичката планска документација. Милевска вели дека сега слободно може да се продолжи со останатите фази.
„Согласно идејата за јавно приватно партнерство во однос на изградбата на театарот, информирам дека во изминатиот период се работеше на урбанистичко планска документација. Таа документација беше неопходна за самиот театар и затоа е комплекс, бидејќи нели до театарот е библиотеката…., заврши планската урбанистичка документација, имаше конкурс за идејно решение, избрано е идејно решение и набрзо ќе може да се промовира идејното решение со кое ќе може да се види според кое идејно решение ќе се реализираат понатамошните проекти“.
Министерката Милевска не можеше да каже колку изнесува финансиската конструкција околу реализација на проектот за изградба на театар, но затоа пак кажа дека ќе ги исполнат побарувањата на менаџерскиот тим на ЦК, односно дека ќе се гради современо здание за издигнување на културата во градот.
„Проектните барања се согласно самата институција, согласно директорот кој што ги даде за самиот театар. Нормално сценската технологија за еден театар е од огромно значење така да тука се води грижа да биде на ниво на претходните театри кои што се изградени, реконструкција на салата итн…но точната пресметка не можам да ви ја соопштам, тоа ќе можеме да ја добиеме откако фирмата која што ќе се избере на тендер ќе го достави изведбениот проект со точната пресметка пред да се објави тендерот“
На Охрид потребен му е нов Центар за култура односно комплекс на културата, за да заживее театарскиот дух во градов смета Милевска. Исто така не е исклучена можноста на оваа атрактивна локација да се изгради и хотелско-угостителски објект.