Се е подготвено за јубилејното 55то издание на фестивалот Охридско лето
Директорката на фестивалот, Елизабета Јанкуловска вели дека годинешниот јубилеј ги обврзува сите и токму поради тоа исклучително е важна поддршката која ја добиле во организацијата на годинешното издание на фестивалот.
Се дотеруваат последните финеси пред почетокот на јубилејното 55то издание на нашата најреномирана културна манифестација, фестивалот Охридско лето. Директорката на фестивалот, Елизабета Јанкуловска вели дека сите сцени на кои ќе се играат прекрасните театарски претстави, на кои ќе се изведуваат некои од најзначајните светски музички дела се подготвени да ги примат изведувачите, но и верната публика која од година во година го следи фестивалот.
„Ние сме кон крајот, односно завршени. Уште вчера сцената на Долни Сарај потврди дека е готова бидејќи е освежена. Антички знаете дека даските се кон крајот и дека некои мали детали и ситници се завршуваат за да почнеме веќе од утре да ги чекаме екипите и техничките подготовки за в недела на 12ти јули на сцената на Антички театар од 21 часот, со сценската кантата „Кармина Бурана“ и шпанската продукција Ла Фура делс Баус и Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.“-вели Јанкуловска.
Денес менаџментот на Охридско лето оствари работна средба со двајцата охридски пратеници во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски и Сашо Василески.
„Би сакал да искажам задоволство, што Охридско лето конечно функционира во едни простории кои го заслужуваат имиџот и реномето на овој фестивал, и едно пријатно катче за работа прво за вработените кои прават навистина големи дела за фестивалот и за градот и за целата држава, а понатака и за сите оние уметници кои доаѓаат тука. Понатака да ја поздравам исклучително амбициозната програма која ја има оваа година Охридско лето, не само отворањето кое е спектакл сам по себе туку и целата програма затоа што доаѓаат навистина уметници, артисти од светски калибар кои што се големи имиња во својата област без разлика каде настапуваат, дали во Охрид, во Милано , Берлин, Мадрид, тоа се имиња кои што сами по себе значат многу.“-рече пратеникот Александар Николоски.
Пратеникот Василески пак вели дека фестивалот Охридско лето е бренд во македонската култура кој е препознатлив во целиот свет.
„Кога има еден посветен тим, еден креативен тим, има и успеси. Оваа година е 55то отворање на Охридско лето ќе биде повеќе од спектакуларно со една богата програма, со врвни уметници од целиот свет, 40 дена убави настани, претстави ширење на културата и една позитивна енергија која Охрид и Охридското лето ќе ја даде. Ние како пратеници денес не доаѓаме протоколарно, нашата соработка е преку целата година, нашето лобирање во парламентот со носење на буџетот. Денеска директорката не запозна со проекциите, со плановите што не очекува во следниот период.“-изјави пратеникот Сашо Василески.
Инаку годинешното јубилејно 55то издание на фестивалот ќе биде отворено со сценската кантата „Кармина бурана“ на шпанската продукција Ла фура делс баус заедно со Македонската опера и балет и Македонската филхармонија. Отворањето е на 12ти јули во 21 часот на сцената на Античкиот театар.