Skip to main content

Се е подготвено за манифестацијата Богојавление – Водици

Манифестацијата Богојавление Водици и годинава се очекува да биде во полн сјај, според најавите на организаторот. Традиционално и годинава религиозниот дел ќе биде во центарот на вниманието со осветување на водите со фрлање на светиот крст. Ќе се одржи и Денот на рибарите со вкусната рибја чорба.

 |  Николоска Биљана  | 

 

При крај се подготовките за организацијата на најголемата верска манифестација во Охрид, Богојавление – Водици. Денес во малата сала на општина Охрид се одржа состанок на координативното тело во присуство на сите институции, граѓани и поранешни фаќачи на крстот кои несебично секоја година ја поддржуваат општина Охрид во организацијата на овој настан.

„Целата манифестација ќе се одвива во три дена, односно започнува на 17 јануари со документарниот филм на нуркачкиот клуб Амфора. Потоа на 19 е духовниот дел, односно фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро и традиционално на 20 јануари ќе го одбележиме Денот на рибарите кога ќе се подготвува рибната чорба, ќе има греана ракија вино, а ќе присуствува и ансамблот „Билјана Јуниор“ -изјави Сашо Донев, претседателот на координативно тело Богојавление- Водици.

Според најавата на Донев одбележувањето на манифестацијата Богојавление – Водици ќе започне со промоција на документарниот филм „Танцот на пастрмката“ во вторник 17 ти јануари во ЦК „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот, дело на нуркачите од клубот Амфора.

„Филмот е сниман 5 години во Охридското Езеро за време на мрестот на охридската пастрмка. После завршување на документарниот филм ќе имна изложба на подводна фотографија. На сите слики кои ќе бидат изложени, околу 20 сетина фотографии средствата кои ќе бидат собрани од таа изложба ќе бидат наменети за луѓето кои се под социјален ризик во соработка со Црвен Крст – вели Милутин Секулоски претседателот на „Амфора“

Се е подготвено за празникот, богослужби ќе има во сите парохиски цркви, изјави Илија Ристевски, претставник на Дебарско – Кичевската епархија. Додава дека и годинава традиционално сите верници заедно со свештените лица со литија тргнуваат од црквите и се упатуваат кон градското пристаниште од каде се положува чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро. Ристески смета дека можеби одзивот на фаќачите на крстот годинава ќе биде помал поради ниските временски температури.

„Мислам дека предизвикот за оние кои имаат такво искуство е поголем иако се ниски температурите и оваа година очекуваме голем дел од оние кои сакаат да учествуваат во овој настан и ги повикуваме сите да се пријават во градските парохиски цркви во кои ќе се богослужи каде што ќе добијат одредени насоки

Секогаш на прва линија за празникот Водици се активистите на Црвениот крст Охрид, кои се подготвени да одговорат на сите барања и предизвици кои ги има организаторот на настанот. Претседателот Сашо Точко вели дека годинава покрај екстремно ниската надворешна температура исклучително ниска била и температурата на водата која според последните мерења на 10 јануари изнесува 5,8 степени Целзиусови.

Сакам да напоменам и апелирам до сите оние кои што планираат да влегуваат во водите на Охридскот Езеро, да не конзумираат алкохол пред влегување во водата и да внимаваат на самото дно но и на температурата, влегувањето да биде кратки и да имаат облека во која ќе се преслечат и стоплат.

Јаким Маленко од Туристичката агенција ВИС – ПОЈ открива дека и годинава за празникот Водици понудиле голем избор на сместувачки капацитети на хотели и приватни сместувања

„Интересот е сепак на задоволително ниво имаме доста најави претежно на домашни гости, меѓутоа тука се гостите и од соседните држави. Но годинава за жал временските услови не ни се од полза но мислам дека ќе имаме добар одзив на гости“

Организаторите очекуваат манифестацијата да биде успешна и очекуваат масовност како и секоја година не само од охриѓани туку и од домашни и странски гости.