Skip to main content

Се е подготвено за отварањето на 58 то издание на фестивалот „Охридско лето“

Се е подготвено за отварањето на 58 то издание на  фестивалот „Охридско лето“. Во претстојните 40 дена   ќе продефилираат повеќе од 800 музички и театарски уметници од 27 држави од Европа и светот. Завршени се и активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што ќе се одржуваат настаните на фестивалот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се е подготвено за отварањето на 58 то издание на најголемата и најреномирана музичко сценска манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“. Завршени се сите подготовки за оваа Национална установа да биде достоен домаќин на бројните уметници и вљубеници во уметноста. Во претстојните 40 дена пред бројната фестивалска публика ќе продефилираат повеќе од 800 музички и театарски уметници од 27 држави од Европа и целиот свет. Честа да го отвори годинешното фестивалско издание и припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која во четврток, 12 јули, на Античкиот театар ќе настапи заедно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Николае Молдовану. Мошуц денес пристигнува на скопскиот аеродром, а ќе биде сместена во Охрид, во хотел „Инекс Горица„. Оперската певица немала никакви посебни побарувања околу сместувањето и исхраната. Интересот за концертот на отварањето на Охридско лето е многу голем. Билетите се речиси распродадени, а гости кои ќе дојдат да ја слушаат и гледаат оперската дива Мошуц има од цел свет.
Интересот е навистина многу голем. Уште со самото објавување на програмата резервации почнаа да пристигнуваат од целиот свет и Антички ќе биде претесен за да ги собере сите кои ќе дојдат да го проследат овој настан, вели в.д. директорката на НУ Фестивал Охридско лето, Сузана Вренцоска.
Завршени се и активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што се одржуваат настаните на фестивалот „Охридско лето“. Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид ги санираше и скалите на најголемата и најатрактивна фестивалска сцена – Античкиот театар, каде што по традиција се одржува отворањето на фестивалот. Отпочната е и процедурата за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари. Националната установа во соработка со Локалната и општинските јавни претпријатија го санираа и гледалиштето во предворјето на црквата Света Софија, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи.
Новиот лик на гледалиштето не само што е добар од естетска гледна точка, туку е важен и од безбедносни причини бидејќи старите и веќе дотраени штици претставуваа опасност за гледачите, рече Вренцоска.
Како посебни доживувања на 58. фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Од оваа година повторно отворањето на фестивалот ќе биде обележано со голем огномет кој повеќе години наназад беше изоставен.