Skip to main content

Се исушија палмите на охридското крајбрежје

Исушени голем број палмини дрва на охридското крајбрежје.

 |  Валентина Неловска  | 

На охридското крајбрежје се исушени голем број палмини стебла. Пред 4 години беа посадени околу стотина палми на разни локации. Жарко Караџоски, директорот на ЈП Македонски шуми во 2013 година, на големо го најавуваше проектот со кој секоја наредна година бројот на палми ќе се зголемува. Појаснуваше дека ги избрале палмите како садници со кои ќе се зазелени охридската ривиера, а не некое друго автохтоно дрво затоа што влакнестата палма издржувала температура до -10 степени.

Одржувањето на младите садници го доверија на ЈП Охридски комуналец, на кој му беа поделени брошури како да ги одгледуваат палмите. Во првата година во зимските месеци беа заштитувани и обложувани со најлон. Се предвидуваше дека понатака кога ќе стекнат зрелост нема да има никакви проблеми. Но, домашниот есап не излезе на пазар, па така голем дел од палмите се исушија.

 

 

 

 

Безуспешни беа нашите обиди да стапиме во контакт со одговорните во ЈП  Охридски комуналец за да одговорат на неколку прашања. Меѓу другото, сакавме да дознаеме и колкав е точниот број на исушените палми? Кога ќе бидат исечени исушeните стебла на палмините дрва и отстранети од зелените јавни површини? 

Кога се садеа палмите во 2013 година, Македонски шуми и Охридски комуналец најавуваа спроведување активности за хортикултурно уредување на градот, со кои во наредните 2-3 години Охрид требаше да стане најдобро уреден град во хортикултурна смисла. Меѓутоа граѓаните почесто беа сведоци на сечење на дрва со секогаш истото образложение деак биле стари и опасност за минувачите, отколку на раззеленување на градот.