Се комплетираат листите за пратеници за претстојните парламентарни избори
Политичките партии ги комплетираат листите за пратеници за претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 8 мај.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, на 28-от конгрес на партијата ги објави носителите на претеничките листи. Во петтата изборна единица прв на листата ќе биде актуелниот собраниски спикер Јован Митрески, а коносител ќе биде потпретседателката на СДСМ и министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
ВМРО ДПМНЕ ги дефинира носителите на листите многу порано. Во ИЕ5 носител е генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски. Во текот на оваа недела според најавата, ВМРО ДПМНЕ ќе ги објават имињата на сите 120 кандидати и ќе потпише договор со коалиционите партнери.
Политичката партија Левица ги објави носителите на пратеничките листи преку социјалните мрежи. Носителка на листата во ИЕ 5 е стружанката Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица.
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски на промотивната конвенција на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија објави дека за носител на листата во ИЕ5 е избрана Весна Бендевска, Потпретседателка на Движењето ЗНАМ и поранешна пратеничка во Собранието.
Во тек се и разговорите за коалицирање. НСДП на партиска конвенција најави дека останува во коалиција предводена од СДСМ на парламентарните избори. Со СДСМ ќе настапи и ДОМ. „Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од СДСМ, соопшти претседателот на партијата, Стојанче Ангелов и додаде дека раководството донело одлука да ја прифати можноста да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ. Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ги продолжува разговорите со ВМРО –ДПМНЕ.
Листите на кандидати за пратеници во Собранието, предлагачите според изборниот законик треба да ги доставуват до ДИК најдоцна на 02 април, до полноќ, 35 дена пред денот на одржување на изборите.