Се крчкаат предлог измени во Законите за угостителска и туристичка дејност
Во министерството за економија се крчкаат предлог измени во Законите за угостителска и туристичка дејност. Локалната самоуправа преку Тлер организираше средба со туристичките агенции и водичи за да се најдат соодветни решенија за намалување на проблемите. Туристичките субјекти од оваа бранша побараа нова средба за да ги разгледаат измените и да достават свои квалитетни предлози за решавање на досегашните слабости.
Предлог измените кои се најавуваат од министерството за економија во Законите за угостителска и туристичка дејност, како и законот за туристичка такса и привремен престој ги седна на заедничка маса охридските туристички агенции и водичи со претставници од Локалната самоуправа. Ресорното министерство и експертите после долго време ги отвораат овие три закони и бараат предлози од сите инволвирани субјекти за надминување на досегашните слабости. Ѓоко Апостолов од секторот за туризам и локален економски развој информира дека станува збор за обемна материја. Наведува само некои од мноштвото наталожените проблеми за кои ќе се бара решение.
„ Реакции на Туристичките агенции кон дивите посредницИ, реакции за новите правила за категоризација на хотели, предлог даден во новиот начин на наплата на туристичката такса, но се е во една работна верзија и затоа ги свикавме состанците за ние да донесеме еден заклучок во интерес на туристичките и угостителските работници. Понатаму е на Извршната власт која ќе ги има сите субјекти за да се намалат проблемите кои се пројавуваат со години наназад“, вели Апостолов.
На денешната средба беа разгледани предлог измените во трите закони. Претставниците од туристичките агенции и водичите побараа дополнителна средба. Им треба време темелно да ги разгледаат предлог измените и да дадат свои квалитетни решенија. Олег Маленко од ТА „Виспој“, посочи дека од она што имале можност да го видат има позитивни активности, но им треба подлабоко разгледување на измените за да ги доведат до совршенство.
„Ние како туристички оператори и агенции најмногу се соочуваме со недостатоци во некои делови од законот за туристичка дејност како лиценцирањето, правата кој може да носи странски туристи во Македонија, кој смее да ги води. Се надеваме дека до наредната недела ќе излеземе со конкретни предлози“, кажува Маленко.
Од Здружението на Туристички водичи се на ист став. Тие ја поздравуваат иницијативата на општина Охрид, на ресорното министерство и на експертите од различни области да се направат законски измени во трите закони. Меѓу другите тие ќе настојуваат да се подобри нивниот статус.
„Ние даваме услуги од мал обем , но од друга страна нашите колеги кои не се вработени и единствен извор на егзистенција им е туристички водич не можат да остварат право на формирање на правен субјект преку кој би плаќале пензиско, социјално здравствено осигрување“, укажува Климент Наумов.
Туристичките агенции, туроператори и водичи со Тлер закажаа нова средба. За една недела ќе се сретнат со претставници од ресорното министерство и на маса ќе ги стават нивните предлози и решенија за што поквалитетни законски решенија во Законите за угостителска и туристичка дејност, како и во законот за туристичка такса и привремен престој.