Skip to main content

Се креира буџетот за 2021 година

Нацрт вкупниот буџет е тежок 1 милјарда и 113 милиони денари. Градскиот совет денеска со 13 гласови „за“ го прифати нацрт буџетот. Советничката група на Вмро Дпмне не зеде активно учество во работата на денешната 51 -ва седница на градскиот Совет. Опозицијата не гласаше по точките од дневен ред со образложение дека материјалите не биле претходно разгледувани на надлежните Комисии. Мнозинството советници пак ги усвои  извештаите за работењето и постигнатите резултати на јавните претпријатија и локалната самоуправа, 9 месечниот Извештај за остварување Буџетот на општината  и нацрт-програмите за идната година. 

 |  Валентина Неловска  | 

Нивото на нацрт основен буџет за 2021 година е утврден на износ од 648 861 567 денари додека вкупниот буџет со донации и дотации е тежок нешто над 1 милјадра и 113 милиони денари. Во нацрт буџетот капиталните расходи изнесуваат 258 милиони денари и во споредба со минатата година има зголемување за 66 мил денари. Мнозинството во Градскиот совет даде зелено светло за вака конструиран буџет за следната година. Советничката група на опозиционата Вмро Дпмне не зеде активно учество во работата на денешната 51 -ва седница на градскиот Совет. Некој своеволно донел одлука да ја суспендира работата на комисиите на Советот и до ниту една комисија не беа испратени материјалите за оваа седница, истакна Гордана Коњановска, координатор на советничката група на Вмро Дпмне. Своето несогласување со ваквата постапка ќе го изразиме со псивно следење на седницата која ќе ја напуштиме за време на гласањето по предлог одлуките. Свој придонес во прокетирање на буџетот ќе дадеме преку амандмани кон овој нацрт-буџет, потенцираше Коњановска. При тоа, советничката критички се осврна на нацрт-програмите за идната година за кои рече дека како да се однесуваат за некое друго време во кое немаше ковид криза која го погоди стопанството и граѓаните. Така, во Програмата за локален економски развој општината учествува со само 2 милиони денари, а за спорт неверојатни 20.765.000 денари, кажа Коњановска.

„Програмите за детска заштита, за активни мерки за ублажување на последици од КОВИД-19 кризата, програмите за животна средина, за социјална заштита, за култура заедно ангажираат средства колку програмата за спорт. Сметаме дека ова е скандалозно“, истакна Коњановска.

Живка Ангеловска, претседателката на Советот, напомена дека ја почитува одлуката на опозицијата да не учествуваат во работата на седницата на советот. Но, посочи дека и претходно кога се одржувале комисиите на седници во живо тие не функционирале активно. Не станува збор за сите советници, но се случувало одредени Комисии или воопшто да не одржат состанок или ретко да работат во полн состав. Ќе побарам Советот да направи измени и оние кои не работеле активно и да бидат заменети со нови членови, кажа Ангеловска.

„Јас барам, од страна на службите, да ми дадат во рок од три дена извештај за отсуство на советниците од Комисиите, онака како што е во наведено во деловникот, три дена последоветално во последните три месеци. Тие извештаи ќе ги препратам до двете советнички групи во Советот и на следната седница ќе разгледаме нов состав на Комсиите каде што има потреба“.

Дневниот ред на седницата покрај 64те точки беше надополнет и со уште 6 точки. Беа разгледувани предлог извештаите за реализација на програмите за работа на организациски единици на локалната самоуправа, Извештајот за остварување Буџетот на општината од јануари до септември, извештаите за работењето и постигнатите резултати на јавните претпријатија, нацрт програмите за идната година, а беше утрврдена и фискалната стратегија за 2021 како и нацрт-буџетот за наредната година.