Skip to main content

Дваесетта седница на совет

Се крои буџетот на Општина Охрид за 2023

Скромен ќе биде буџетот на Oпштина Охрид за 2023 година. Советот треба да скрои буџет кој ќе овозможи непречено функционирање на општината, но да има и развојна компонента и сето тоа во едни тешки финансиски околности.
 |  инфодеск  | 
Дваесетта седница

Нацрт програмите, кои беа денеска на дневен ред на седница, според опозицијата, треба да се доработат со цел да се донесе функционален и остварлив буџет. Не се предвидени средствата за одредени активности кои беа отстранети со ребалансите во претходната година, дел од проектите кои требаше да се реализираат во претстојната година се пролонгираат, за некои се предвидени средства за отпочнување во претстојната година како за реконструкција на плоштадот Крушевска република, но дел се одложени на подолг рок до 2025 год, забележа координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.

Паркот на А. ден Долард, велосипедската патека Охрид-Св Стефан и секако она што го очекуваме како граѓани, тоа е катната гаража која е голем проект и години наназад секоја власт го ветува, но никако да дојде до реализација. Гледам дека и наредната година нема никакви почетоци на оваа активност – истакна Ангелоска.

Живка Ангелоска

Ангелоска сепак изрази задоволство од износот предвиден во Програмата за уредување градежно земјиште и изрази надеж дека нема да се кратат средства од оваа програма. Советниците дадоа забелешки по однос на нацрт програмите за развојот на туризмот, локални патишта и улици и сообраќајна сигнализација, носење урбанистички планови, за одржување јавна чистота, за невладини и други, со цел општинските служби да ги земат во предвид при изработката на финалната верзија на буџетот. Советничката Ангелоска ги повика и граѓаните да земат активно учество во јавната расправа за буџетот која ќе следи, а со цел истиот да биде одраз на нивните приоритетни потреби.

„Граѓаните треба да ги знаат финансиските можности на општината за тоа колку може да си дозволи да троши без да креира нови долгови“, кажа претседателот на совет, Сашо Донев.

За 2023 година проекцијата на буџетот ќе биде покуса за 30 милиони денари или половина мил евра. Тоа е согласно закон, според рамката која ја дава Министерството за финансии во која може да се формира буџетот, според реализацијата на буџетот од претходната година и вкупните приходи. Според пресметките на Донев, Буџетот на Општина Охрид за 2023 година ќе биде проектиран максимум на околу 5 мил евра.

Реалноста е таа и нема да имаме помош од било кого. Треба да седнеме и да одлучиме за што ќе ги трошиме. Еден проект како Крушевска република е 1,5 мил евра, а јас ви кажувам 4 мил вкупно имаме на располагање. Каде се водоводи, канализации. Затоа треба да седниме и да видиме како ќе најдеме пари, дали преку кредити од светска банка – вели Донев.

Сашо Донев

Донев потсети дека локалната има долг од 20 милиони евра, но откри и дека истиот ќе се зголеми за дополнителни 1 милион евра долг кон државна институција, за којшто, како што рече, јавноста наскоро ќе дознае. Значи општината ќе може да ги пушти нозете колку што и е черџето, кажа Донев и побара од советниците конструктивни предлози во процеост на носење на  буџетот.