Skip to main content

Се крои туристичката промоција за лето 2023

Се сумираат резултатите од летната туристичка сезона. Чинителите на туристичката индустрија прават планови како да се надминат годинешните резултати со достигнување 3,2 милиони ноќевања и инкасирање над 430 милиони долари следната сезона. Недостокот од туристичка промоција и реклама за туристичките потенцијали на странските пазари ќе се надминува со државна кампања и фоксусирање на Јутјуб и Гугл.
 |  инфодеск  | 
Охрид

Поголем прилив на средства се очекуваат во домашната туристичка индустрија во 2023 година. Плановите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), во соработка со чинителите во туризмот, се да оставарат 3,2 милиони ноќевања и 430 милиони долари прилив во државната  каса.

За да се остварат поголеми приходи и да се следи предпандемискиот тренд, но и да се надминат годинешните реализирани 2,5 милион ноќевања, треба многу работа од сите чинители и  промоција на потенцијалите во авантуристичкиот туризам, етно-гастро концептот и турите Отворен Балкан, најавува Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

2023 ќе биде во некои сегменти продолжување на 2022 година, применување успешни практики во промоција на туризмот и воведување на нови елементи на туристичко претставување, но и валоризирање на дестинацијата и нејзино подобрување. Се повеќе ќе се работи на означување, валоризација и брендирање на дестинацијата и дополнително на дигитализација на туристичката индустрија која се наметнува како главен фактор за размена во туризмот кај нас, регионот, отворениот Балкан и Европа – вели Јаневски.

Љупчо Јаневски

Претстои и работа во делот на надминување на слабостите во оваа индустрија. Меѓу слабите алки е недостатокот од туристичка промоција и реклама за туристичките потенцијали на странските пазари. Се зависи од буџетските средства кои се планираат за оваа година, а кои се во висина како и годинешните, вели Јаневски.

Доставивме информација до владата. Очекуваме да се направи државна кампања во туристичката индустрија во 2023 година. Да се фокусираме на Јутјуб и Гугл кампањи, преку интернет, со цел видливоста на нашата дестинација да е појака и посилна – додава Јаневски.

Св Јован Канео

Наскоро ќе стартува кампања која ќе трае до февруари 2023 година за да се донесат гости во зимските центри од Полска, Србија, Бугарија, Албанија и Косово. За лето 2023 пак, ќе се работи на пазарите за враќање на традиционалните гости, но и на проширување на дестинациите во Англија,  Романија, Грција, Турција, Израел, како и продолжување на престојот од едно на три ноќевања од гостите од Латинска Америка со туристичките рути од Отворен Балкан.