Се одбележа Денот на рибарите
Со масовно капење, еден и пол тон рибна чорба приготвена на Грдаскиот плоштад, топла ракија, вино и музика се одбележа Денот на рибарите. Многу граѓани од Охрид, но и од други градови на Македонија и пошироко дојдоа да бидат дел од оваа црковно-народна манифестација.
Денеска на Соборот на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите во Езерото продолжуваат Богојавленските чествувања во градов. На тој начин се одбележува завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест. Многу граѓани од Охрид, но и од други градови на Македонија и пошироко дојдоа да бидат дел од оваа црковно-народна манифестација.
И оваа година празникот покрај со капење во водите на езерото се одбележа и со приготвувањето и служење рибна чорба. Во казанот поставен на Градскиот плоштад професорите и учениците на ОУТУ „Ванчо Питошески“ приготвија околу 1,5 тони од овај специјалитет.
За чорбата се обезбедени 400 килограми риба, 70 килограми морков, 20 килограми целер, 25 килограми пашканат, десет килограми кромид, сто литри масло, 60 килограми брашно, како и други намирници и зачини. Планирано е да бидат разделени околу пет илјади порции од чорбата, а дел како и секоја година ќе биде доставен и до социјално ранливите семејства од градот, рече Блаже Јорданоски-професор ОУТУ „Ванчо Питошески“.
На манифестацијата присуствуваа и некогашни рибари кои се присетија како било порано, кога ја имало охридската пастрмка,а и останатите автохтони риби во изобилство, но кога и односот на луѓето кон зачувување на природното богатство бил многу поинаков.
Не треба рибочуварска служба. Треба совест и разум кај луѓето кои ја ловат рибата неконтролирано, рече еден поранешен рибар.
Манифестацијата и оваа година беше збогатена со културно-забавна програма, со народна музика, греано вино, топла ракија. За забавата оваа година се погрижи Миле Кузманоски. Инаку, ова е 30-ти пат како организирано во Охрид се прославуваат Богојавленските празници.