Skip to main content

Архив Охрид

Во Охрид се одбележува Денот на државниот Архив и архивистите

Подрачното одделение на Архивот во Охрид подготви изложба на плакати од филмови кои се прикажувале во старото кино Охридско езеро во периодот од 1939 до 1941 година.
 |  Маја Савиќ  | 

Со урбана изложба на плакати од филмови кои биле прикажувани во старото кино „Охридско Езеро“  Архивот го одбележува 1-ви Април – Денот на Државниот Архив. На просторот на малиот плоштад кај Мини Маркет охриѓани имаат можност да разгледаат 60-тина кино плакати од фондот на Никола Герман кој ги сочувал и ги предал на Охридскиот архив, вели Мартин Ристовски, помлад соработник во Архивот.

Станува збор за филмови од периодот од 1939 – 1941 година од американски, француски и германски режисери и глумци. „Тарзан“, „Ана Каренина“, „Бунт на бродот Баунти“„Ромео и Јулија“, „Богатството на Џингис Кан“, се само дел од проекциите кои биле прикажувани во старото охридско кино.

„Тие филмови стигнувале во охридското кино „Охридско Езеро“ релативно брзо и се рекламирале на вакви плакати и автентично прикажуваме како изгледало тоа во времето кога функционирало старото кино во Охрид. Нашите сограѓани можат да се потсетат нивните дедовци, баби, постари генерации кои филмови ги гледале од кои некои и ден денес се гледаат.“ – вели Мартин Ристовски, помлад соработник во Архивот.

Изложбата ќе биде поставена и утре на малиот плоштад , а во среда плакатите ќе бидат изложени и пред старото кино на ул „Даме Груев“ во чест на денот на  државниот архив и архивистите за нивната посветеност на заштитата на нашето наследство за идните генерации.

Во охридското одделение на Архивот 19 вработени се грижат за собирање и зачувување записи од историско и културно значење. Исто така се организираат едукативни активности, изложби и други настани за промовирање на проучувањето на историјата и за подигање на свеста за важноста на зачувување на историските документи.

Архив Охрид

„Депото е добар дел исполнето, имаме многу материјали. Имаме од ретки Библии, документи од турско време, српско, тапии, доста интересни документи за истражување. Голем број граѓани се соочуваат со проблеми од урбанизмот, се случува некој од претците да загубил документи, план, решение за градба и слично. Во служба сме на граѓаните за секој вид потреба , како на пример и формирање на фамилијарно стебло, потекло, утврдување на корени, претци. Станува збор за многу трајни документи кои можат да се најдат во нашиот архив.“ – вели Ристовски.

Во охридскиот архив се одвива и процес на дигитализација на сите документи што ги поседува, а архивската граѓа постојано се збогатува со приватни материјали од граѓаните кои ги предаваат во Архивот.

„Ги повикуваме сите сограѓани кои имаат документи, материјали кои треба да се зачуваат, да дојдат да разговараме за можно нивно преземање и трајно да ги сочуваме за следните генерации да имаат податоци и увид во тие документи, да правиме вакви изложби и да се гордееме со нашата историја.“ – вели Ристовски.

Државниот архив на Македонија е формиран на 1-ви април во 1951 година, а до 1962 година се отворени одделенија во 9 градови во државата.