Skip to main content

Охридски специјалитети

Се одржа настанот Вкусете го Охрид локално

Покрај храната и пијалоците произведени од познати охридски фамилии свои производи имаа изложено и гостите од Демир Хисар, Тетово, Демир Капија и Кавадарци.
 |  инфодеск  | 

На плоштадот кај Долна Порта се одржа манифестацијата „Вкусете го Охрид локално“ која наликуваше на голема гостинска софра каде што посетителите вкусуваа охридски специјалитети приготвени на традиционален начин.

Присутните имаа можност да се запознаат со локалните производители на традиционална храна, а можеа и да вкусат домашни месни производи, комат, ѓомлезе, леб под сач, џемови и слатка. Беа понудени и органски производи, различни видови макала, намази, домашно вино и ракија.

Покрај храната и пијалоците произведени од познати охридски фамилии свои производи имаа изложено и гостите од Демир Хисар, Тетово, Демир Капија и Кавадарци.

Слоу фуд приврзаниците кои се членови на конвивиумот „Слоу Фуд-Охрид“ преку своите уникатни приказни полни со искрена љубов кон традицијата и локалниот идентитет ги освоија срцата на посетителите.

Кратката многу позната изрека „Ние сме тоа што јадеме” на филозофот Ludwig Feurbach кој живеел во деветнаесетиот век, во целост го означува односoт помеѓу храната и традиционалните вредности и одлики на еден народ.

Стратегијата на Slow food движењето не е само носталгичен назаден поглед на светот со изгубени моменти на задоволство. Ова еко-гастрономско движење негува специфична филозофија на бавно уживање во храната, но исто така и задржување на традицијата во исхраната со негување на еколошката свест.

Тоа подразбира исклучителна грижа околу начинот на производство на храната и нејзиното потекло. Бавната храна покрај тоа што треба да биде со добар вкус, неминовно е да биде произведена на таков начин што нема да ја загадува животната средина и да му штети на здравјето на луѓето.

Настанот „Вкусете го Охрид, локално“ е организиран од движењето „Слоу Фуд“ Охрид со поддршка на Општина Охрид и „Слоу Фуд Македонија“.