Се поставуваат рампи кај Горна порта и во непосредна близина на поштата
Со поставување рампи ќе се растеретува и регулира сообраќајот во централното градско подрачје и во стариот дел на градот. Веќе се работи на терен и системот треба да профункционира од понеделник. Граѓаните кои живеат во овој дел на градот ќе мора да извадат специјални пропусници за да можат да влезат. Ова е дел од новиот летен сообраќаен режим кој треба да профункционира наскоро.
Се поставуваат рампи кај Горна порта и во непосредна близина на поштата. Ова е со цел да се растерети и да се регулира сообраќајот во централното градско подрачје и во стариот дел на градот. Од Секторот за комунален развој, сообраќај и патишта велат дека засега ова е најприфатливото решение бидејќи сите направени сондажи покажале дека овој дел од градот посебно во летниот период е најоптоварен со сообраќај.
Неминовно беше тоа решение овој дел да се затвори за сообраќај, но граѓаните кои живеат во староит дел на градот да имаат можност да се движат со своите автомобили, вели Зоран Шикалоски- Сектор за комунален развој, сообраќај и патишта.
Во периодот од пет часот наутро до 20 часот навечер од рампата на Македонски просветители и до Капетанија ќе има сообраќај без можност за застанување и паркирање . После 20 часот на тој дел ќе се воспостави целосна забрана за сообраќај.
Граѓаните од стариот дел на градот во текот на денешниов ден или утре ќе бидат известени кои документи треба да ги поднесат во Секторот за да добијат специјални пропусници и со нив ќе може да ги отвараат рампите. Најверојатно овој систем од понеделник ќе профункционира, објаснува Шикалоски.
Инаку, новиот режим на сообраќај сеуште не е профункциониран затоа што се чека да бидат дозавршени работите на терен за овозможување на неговото одвивање. Со него улицата Кеј „Македонија“ е затворена за сообраќај освен за велосипедисти и пешаци од плоштадот до пресекот со Ванчо Николески. Од улица „Ванчо Николески“ која улица ќе биде со двонасочен сообраќај со надолжно паркирање, до пресек со „Јане Сандански“ на „Кеј Македонија“ ќе се одвива двонасочен сообраќај. Во останатиот дел од уличната мрежа во центарот предложен е еднонасочен сообраќај и три мини кружни текови на ул. „Партизанска“. Ова е најприфатливата варијанта за организирање на сообраќајот во летниот период од неколкуте идејни проекти кои ги изработи компанијата „24 ИНГ“ на барање на локалната самоуправа.