Skip to main content

ТиСиТвојотГрад

Се прави рамнење на теренот и потпорен ѕид, а не дивоградба кај Самоилова тврдина, демантира сопственикот на плацот

Оливер Цепенковски, спомнат во дописот од граѓани преку рубриката ТиСиТвојотГрад, дека гради нова дивоградба во непосредна близина на Самоилова тврдина, со писмен демант ги отфрла како невистинити наводите на граѓаните.
Градба Самоилова

Оливер Цепенковски, спомнат во дописот од граѓани преку рубриката ТиСиТвојот Град, со кој реагираат дека се гради нова дивоградба после само 2 месеци од градбата на првата дивоградба кај Самоилова тврдина, со писмен демант до нашата редакција наведува дека целосно ги отфрла како невистинити наводите изнесени од граѓаните.


„Укажувам дека на лице место воопшто не се вршат било какви градежни дејствија коишто се однесуваат на изградба на било каков објект, уште помалку објект без обезбедена соодветна градежна документација, напротив на лице место се преземаат градежни дејствија во насока на партерно уредување на недвижниот имот и негово оградување што впрочем е уставно загарантирано право на секој сопственик на недвижен имот. Преземените градежни дејствија коишто беа извршени на терен се однесуваат на израмнување на теренот, и поставување на потпорен ѕид со цел на спречување на понатамошно лизгање на земјиштето во соседните парцели и спречување на евентуална ненадоместлива штета за што се поднесени соодветни пријави до надлежниот градежен инспекторат и националната установа за заштита на културното наследство Завод и музеј – Скопје за поставување на камена ограда.“ – се вели во демантот.

Исто така Цепенковски ги демантира изнесените наводи дека градежните активности биле изведувани на затскриен начин со поставување на предмети и барикади, како и дека било оградено местото со зелена мрежа. Сите преземани дејствија се врз основа на позитивните законски прописи и не постои никаква потреба од прикривање на овие дејствија, дотолку повеќе што ако навистина беа скриени воопшто не би можело истите да бидат фотографирани како што е направено од наводните загрижени граѓани, вели Цепенковски.
Потенцира дека ги отфрла изнесените тврдења дека со неговите дејствија се манифестира самоволие, поигрување и потсмевање со инспекциските служби и органите на Град Охрид, како што обвинија граѓаните во допиот до медиумите.

„Јас секогаш сум бил насочен на почитување на сите надлежни органи и нивните вработени, како и на сите мои сограѓани, и никогаш сум немал интенција да функционирам надвор од предвидената законска рамка, а тоа се покажува и во моите напори да вложам дополнителни средства се со цел соседните недвижни имоти да немаат било какви евентуални последици или штета.“, вели Цепенковски.

Додава дека правниот субјект Форт Кафе ДООЕЛ Охрид, кој се спомнува во писмата од граѓаните, нема никаква корелација со конкретниот случај со кој што се наведува. Според него наводите на граѓаните се произволни и невистинити, се пласирале од едни исти лица со цел без докази да го нарушат неговиот личен углед и на правниот субјект Форт Кафе.