Skip to main content

Се прибираат докази, издадени наредби за вештачења за пожарот во кафе барот во Градски пазар (фото/видео)

Увид на лице место во угостителскиот објект извршил Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Причинета голема материјална штета во пожарот кој избувна рано утрово во угостителски објект во склоп на Градскиот пазар во Охрид. Пожарот во полиција бил пријавен во 03.40 часот.

„Во СВР Охрид е пријавено дека во кафе бар лоциран на  Градскиот пазар во Охрид, сопственост на А.Р.од Охрид, избувнал пожар кој се проширил на неколку апартмани на горниот кат. “ –се вели во полициското соопштение.

Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид која спречила пожарот да добие поголеми размери.

Увид на лице место во угостителскиот објект извршил Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Охрид.

Како што информираат од обвинителството, бил опожарен приватен објект во сопственост на државниот правобранител Агрон Речи.

– Јавниот обвинител издаде насоки за прибирање докази и наредби за вештачења на лице место со цел откривање на причината на пожарот, се вели во соопштението на ОЈО Охрид.

Последици од пожарот има и во просториите на градскиот зелен пазар и во канцелариите на ЈП „Градски пазар“.

-За среќа со брза реакција на ТППЕ спречена е катастрофа. Штетите се големи. Проценка на оштетувањата во делот на пазарот,  вешто лице ќе прави во текот на утрешниот ден кога ќе имаме појасна слика за предизвиканата материјална штета„ – велат за ТВМ од ЈП „Градски пазар“.